Од препараторски центар на Балканот, во кој се доаѓало на обука во 1970-тите и 1980-тите години и каде што биле развиени некои техники на препарирање, особено на растителен материјал, Природонаучниот музеј денес нема препаратор и по потреба му помагаат тројца кои се пензионирани во оваа установа.

Препарирањето животни и растенија е мултидисциплинарна струка и не постои еден центар каде што може да се изучува. Според в.д. директорот Методија Велевски, веројатно би се нашле луѓе да работат препарирање, но тие треба да поминат подолго време за да стекнат вештина со која примероците што ќе ги изработуваат ќе изгледаат природно.

- Најдобро се станува препаратор со пракса и потребни се десетина години. Едно вработување беше одобрено во 2014 година, но колешката што беше примена веднаш се откажа и тоа место се затвори, вели тој за МИА, укажувајќи дека тоа не е работа со која може секој да се занимава.

Покрај изложените во музејските витрини, препарирани животни уште повеќе имаат во депоата. За нивното чување не се потребни посебни температурни услови, но двапати годишно депоата се прскаат со гас за дезинсекција за да не се развијат штетници и инсекти што ги јадат препарираните.

Нивната внатрешност е исполнета со слама и на некои места се дополнувани со памук. Ако се добро чувани, тие може да стојат со децении. Некогаш по потреба се прават мали корекции. Умешноста е веродостојно да се долови анатомијата на животното. Во науката во светот денес се прават и калапи со кои телото е реално претставено.

Препарирањето се прави веднаш откако животното ќе угине, потоа не може да се интервенира. Минатата година добиле шакал кој само што бил удрен на автопат и успеале да го приберат. Поради потребата од брза реакција тешко се доаѓа до крупни животни, како на пример мечка. Да се донесе мечка што умрела или настрадала е предоцна, вели Велевски, зашто првин поминува време додека да се дознае за тоа, потоа треба да се организира препарирањето кое трае со денови, а покрај тоа сега и немаат препаратор.

Начин да се дојде до ѕвер е преку одобрен лов, со дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Последниот случај на организиран лов е од пред десетина години – било одлучено да се застрела мечка која претходно нападнала луѓе. Тогаш музејот го организирал ловот и таа е сега во депото.

Мечката во Македонија е под строга заштита и државата ја плаќа нанесената штета од ова животно, а со порастот на популацијата на мечки се зголемуваат и побарувањата за обесштетувања. За разлика од мечката, загрозен е балканскиот рис. На цел Балкан ги има под 40 возрасни единки.

Меѓу видовите птици, пак, кои веќе ги немаме во природата се брадестиот и црниот мршојадец. Женката од последниот познат пар брадести мршојадци е препарирана и изложена. Тука завршила во 1985-та откако испаднала од гнездо кај Тиквешкото Езеро и не успеале да ја спасат во ветеринарна станица. Нејзиниот мажјак на територијата на Македонија последен пат бил виден во 2005 година.

Велевски - биолог кому специјалност му се птиците, кажува дека на изумирање се и белоглавиот и египетскиот мршојадец и дека најголема причина е нелегално користење отровни мамки, пред се против волци. Исчезнат од овие простори е и тетребот, најверојатно поради криволов, а повеќе нема ниту гнезда на жерави кои повремено се гледаат во јата при миграции.

Работното место орнитолог во музејот е празно додека тој ја извршува функцијата в.д. директор. Вели кадарот им е преполовен, не се обновува кога имаат пензионирања. Тоа се должи на сложената процедура за одобрување на вработувањата но, од друга страна, како во случајот со препаратор, и од неможноста да се најде таков стручен кадар.

Во моментов музејот има 17 вработени, а поради потребите ангажираат и тројца со договор на дело. Кадарот е дефицитарен во сите шест одделенија. Немаат ентомолози (во одделението за инсекти), им требаат стручни лица и во одделенијата за безрбетници, ’рбетници... Немаат ихтиолог, а делот за рибите, вели тој, бара целосна промена зашто сегашната поставка и систематиката не е во чекор со европската наука.

Освен помали интервенции, поставките во овој музеј се непроменети од 1968 на првиот кат и од 1972 на вториот кат. Исклучок е делот за ботаника кој е реновиран целосно пред 10-15 години. Имаат идеја за реновирање, но засега тоа е далеку од реализација.

- Тоа не би била само надворешна реконструкција или инфраструктурно уредување, туку и осовременување на изложбите. Сакаме да го зачуваме и овој, автентичен приказ, но сакаме да донесеме и помодерен начин на информирање на посетителите, вели Велевски.

Оваа година имаат, како што рече, пристоен буџет и повисоки суми за побарувања во однос на неколку години наназад. Тоа е делумно и поради средствата наменети за ископување и презентација на фосилните остатоци од изумрениот вид слон (Choerolophodon pantelici) кои беа откриени во неготински Долни Дисан.

Беа најдени на помалку од метар длабочина и, според геолошката карта, датираат од пред осум милиони години, од доцниот миоцен. Ископувањето во април го правеа стручни екипи од нашиот музеј и од Софија. Тие ги открија остатоците при заедничка теренска работа минатата година. Значајно во овој пронајдок е што на едно место се најдени повеќе наоди од исто животно – предок на слоновите, кое најверојатно било тешко околу десет тона и старо 50 години.

Остатоците од изумрениот вид на слон (делови од горна и долна вилица, од екстремитети, прешлени, заби...) кои на крајот на април се пренесени во Природонаучниот музеј, постојано се премачкуваат со специјален лепак за да не се распаѓаат и ронат, што би го отежнало склопувањето на деловите. Откако ќе бидат составени, новото откритие ќе биде презентирано во одделот за фосили каде имаат и други пронајдоци од овој вид, стари по неколку милиони години.

- Не е идеален скелет како што се надевавме и не е комплетен скелет како што кажа професорот Спасов од Бугарија. Но како научен наод е одличен затоа што е најкомплетен досега најден од едно животно. Во август-септември очекуваме да почне составувањето на деловите на самото место - во саркофаг во кој ќе биде изложен во постојаната поставка, рече Велевски.

Бивните се највпечатливиот дел кај овој вид праисториски животни. Од фосилот од Долни Дисан тие се оштетени и не се цели и, како што рече Велевски, не може да им парираат на бивните – втори горни секачи кои ги имаат во постојаната палеонтолошка поставка – кои се најголемите ископани во Македонија, можеби и меѓу најголемите најдени воопшто. Откриени се во тиквешкото село Вешје, во истиот регион како и фосилот од Долни Дисан.

Природонаучниот музеј чува и други ретки примероци, меѓу нив и колекција егзотични пеперутки и најголемата во збирката - Attakus atlas која потекнува од Азија и во науката е опишана во 1758 година.

Најчести посетители на музејот се учениците кои доаѓаат организирано. Во летниот период имаат посети од странци и од семејства. Цената на редовната влезница во Природонаучниот музеј е 60 денари и 30 денари за групни посети, за деца и пензионери.

За студентите влезот е слободен секој четврток, а за средношколците - секоја среда. Еден ден во месецот - последниот вторник, влезот е бесплатен за сите граѓани.

Хатка Смаиловиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2018 17:04