Победникот на вчерашната Голема награда за Германија, Луис Хамилтон се спаси од казна поради која можеше да ја загуби победата. Пилотот на Мерцедес ја освои трката на „Хокенхајм“ откако стартуваше од 14-тото место.

Благодарение на комбинација од правилна стратегија, дожд и грешка на Фетел, Британецот повторно стана лидер во најнеизвесниот шампионат за последните неколку години.

Хамилтон беше под истрага неколку часа по завршувањето на трката поради откажувањето да влезе во боксот во последен момент и враќањето на патеката. Пилотот се движеше по патеката кон боксот кога нагло заврте во тревата и излезе назад на трасата. Ваквата акција обично се казнува со одземање на време.

Во конкретниот случај, сепак, четирикратниот светски шампион се извлече без казна, бидејќи стјуардите ги земале предвид хаотичните околности во оваа фаза од трката. Во одлуката се наведува дека е земена предвид масовната конфузија во екипата дали Хамилтон треба да влезе или да остане на патеката.

Натпреварувачот и тимот ја признаа својата грешка, но прекршокот кој е извршен за време на движење зад автомобилот за безбедност, не доведе до никакви опасни последици за никого, и не е создадена опасност.

- Сум бил многу пати кај стјуардите, иако одамна не ми се случило. Бев целосно искрен со нив. Тие навистина сфатија колку збркано беше се, изјави Хамилтон.

Пред последната трка до летната пауза оваа недела во Унгарија, Хамилтон води во шампионатот со 17 бода пред Себастијан Фетел.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 10:48