Младиот јамајкански спринтер Аким Блумфилд го привлече вниманието на јавноста откако победи со време од 19,81 секунда на трката на 200 метри на атлетскиот митинг од Дијамантската лига во Лондон.

Блумфилд вчера истрча под 20 секунди и го постигна најдобриот резултат во кариерата, поради што почнаа да го споредуваат со најдобриот спринтер на сите времиња, неговиот сонародник Усеин Болт.

Меѓутоа, 20-годишниот атлетичар наведе дека не сака да го споредуваат со Болт, кој неодамна се повлече од атлетиката, но светските рекорди на 100 и 200 метри се уште се во негова сопственост.

- Навистина сум среќен со овој резултат. Но, сметам дека никој не може да го надмине Болт. Мислам дека не би требало да го споредувате со смртници како мене. Доколку постигнам половина од неговите остварувања ќе биде неверојатен успех, истакна Блумфилд.

Младиот јамајкански атлетичар освен на 200 метри се натпреварува и на 400 метри, а пред две седмици во Рабат, Мароко, на оваа делница постави рекорд во Дијамантската лига со резултат 44,33 секунди.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 02:34