Патувачкото кино на „МакеДокс“ го завршува деветтото патување, годинава во струшкиот регион, со „МакеДокс“ еко-доку филмски маратон на шестиот фестивал „ДримОН“ утревечер од 22 часот во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Претходните денови Патувачкото кино имаше проекции на документарни филмови во струшките села Ташмаруништа, Радожда и Мали Влај.

- Во меѓувреме пристигна и втората генерација „Докуникулци“, со што почна и работилницата за креативен документарен филм. Младите „докуникулци“ веднаш го фатија ритамот на Патувачкото кино, присуствуваа на проекцијата во Радожда, имаа целодневен излет во прекрасното планинско село Мали Влај, а само за еден ден успеаја да исчистат голем дел од крајбрежјето на Охридското Езеро во некогашниот камп „Треска“ кај Радожда, соопшти „МакеДокс“.

Еко-акцијата за чистење на плажите ќе продолжи и во наредните денови, паралелно со сесиите на филмската работилница кои ги предводи Петра Селишкар, селекторка на програмата на фестивалот „МакеДокс“.

Проекциите на Патувачкото кино содржат три сегменти - кратка програма со анимирани филмови за деца, репортажа на „МакеДокс“ за претходни патувачки кина во други региони низ државата и на крајот се прикажува долгометражен документарен филм.

Патувачкото кино е дел од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ се реализира од 21-ви до 28 јули во партнерство со „ДримОН Фестивал“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy) и Агенцијата за филм на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 12:37