Делчево се подготвува за два големи настанa на 7 август - бизнис-форум во рамки на кампањата „Да ја поддржиме прикзаната на Делчево“ и меѓународниот фестивал Голачки фолклорни средби.

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски денеска на прес-конференција рече дека на бизнис-форумот ќе бидат претставени можностите за развој и инвестиции кои ги нуди Делчево.

- Очекуваме присуство на сите наши пријатели од општините со кои сме збратимени, од нашите соработници од земјава и странство, од претставници на бизнис-секторот, нашите иселени. Затоа и го организираме овој најстан на овој датум, кога нашите иселеници се дома. Целта на бизнис-форумот е да се видат перспективите за развој на Делчево, да се слушнат предлозите од бизнис-секторот и нивните идеи со кои можат да се дореализираат започнатите проекти, да се создадат нови. Ние сакаме секој да се чувствува корисен и да придонесе во развојот на Делчево, рече Трајковски.

Вечерта на 7 август, во пресрет на 24. Голачки фолклорни средби, ќе се одржи голем концерт на познатиот македонски музичар и шоумен Игор Џамбазов и бендот на Гуру Харе.

- Предгрупа се познатите млади музичари „Шекспир“. Настанот е во организација на Општина Делчево и спонзори и во оваа прилика се заблагодаруваме на нашиот музичар, композитор, аранжер, Дејан Ѓеоргиевски–Ѕене, кој ни помогна во организацијата на целиот настан. Со Ѕене сакаме да изградиме една нова слика за градот која ќе се темели на вредностите во музиката, веруваме дека на македонското естрадно небо има квалитет кој вреди да се слушне. За концертот има голем интерес не само во Делчево туку и во регионот, а подготовките се при крај, рече Трајковски.

На традиционалните меѓународни Голачки фолклорни средби, кои се одржуваат на 8 август, ноќта спроти верскиот празник Пантелеј покрај истоимениот манастир, на сцената на отворено ќе настапат десет културно-уметнички друштва од земјава и од Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија.

Манифестацијата е поддржана од Општина Делчево, Министерството за култура, Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ и Агенцијата за поттикнување и поддршка на туризмот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 13:58