Националната установа Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ подготвено го дочекува 48 издание кое годинава ќе се одржува од 28 јули до 1 август.

На фестивалските сцени во Битола годинава ќе учествуваат околу 1.000 гости од 34 културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Европа, Јапонија и САД, истакна Маја Андоновска Илиевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

- Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ е најстариот фестивал во градот, гордост на Битола и на Македонија. Подготвени сме да ги пречекаме сите гости од државата и странство кои ќе понудат богата програма и во 5 фестивалски денови, а тоа е така затоа што нашиот фестивал е член и со соодветен серификат на меѓународната организација на фолклорни фестивали ЦИОФФ, а еден од високите стандарди на таа организација е фестивалот да се реализира во пет програмски денови, посочи Андоновска Илиевски.

Фестивалот „Илинденски денови“ е еден од 100-те фестивали во Светот, во постојана развојна линија и со цврсти темели поставени во 1971 година.

- Според востановената традиција фестивалот има и фестивалска предпрограма во чии рамки вечер во битолската Магаза ќе биде отворена изложба на кошули и горни традиционални облеки од збирката на музејот за народни носии на колекционерот Јоне Ефтимов, а утре ќе почне детска ликовна работилница на тема „Народната култура-трајна инспирација во моето творештво“. Во предпрограмските активности е и изложбата на фотографии на тема „Фолклорни мотиви“ чиј автор е фоторепортерот Петар Ставрев, истакна Валентин Соклевски, режисер на фестивалските вечери.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ е со натпреварувачки карактер за учесниците од Македонија, додека гостите од странство освен ревијален настап ќе приредат и посебна интернационална вечер, беше истакнато на прес конференцијата во НУ Центар за култура-Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 15:10