Прилепската локална самоуправа апелира до стопанските субјекти во општината што поскоро да ги внесат своите податоци во анкетните листови (енергетска картичка и топлински трансформации), поставени на веб-страницата на општината. Тоа се анкетни листови кои стопанствениците треба да ги пополнат за да се утврди трасата во проектот „Гасификација на Прилеп“.
Како што информираат од прилепската локална самоуправа, веќе две недели на терен се врши анкета на стопанските субјекти од градот за правилна и точна проекција на трасата и капацитетот на секундарната гасоводна мрежа, која треба да се гради на територијата на општината.
Дел компании ги пополниле формуларите и ги доставиле до локалната самоуправа.
Анкетата за потребите на гасификацијата ќе послужи како база на податоци за проектантите, кои ќе ги одредуваат приоритетните локации за трасата на секундарната мрежа.
Во втората фаза од овој проект ќе се врши анкета и за потребите и интересот на граѓаните.