Земјава има добра законска регулатива за спречување и заштита од насилство врз жените, но останува да се работи на нивната имплементација, беше потенцирано на денешната Јавна расправа на тема „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, која се одржа во рамки на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека иако правната рамка во Северна Македонија е солидна, овие закони, рече тој, мора целосно да се спроведуваат за да обезбеди брз одговор и подобра заштита на жртвите.
-Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување за кое се потребни ресурси, обука, и координиран пристап меѓу сите чинители, полицијата, судството, давателите на здравствени услуги и социјалните служби. За да се постигна ова, од клучно значење е вистинското спроведување на реформите кои произлегуваат од Инстанбулската Конвенција. Разрешувањето на насилството врз жените не значи само штитење на жените. Тоа значи градење општество во кое секој може да живее без страв. Северна Македонија има направено меѓународни заложби за да го спречи и да се бори против насилството врз жените. Во нив спаѓаат Акцискиот план на ОБСЕ за родова еднаквост, Одлуката на Министерскиот совет од Љубљана за спречување и борба против насилството врз жените од 2005 година, како и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – Истанбулската Конвенција. Еден од најстрашните аспекти на насилството врз жените е фемицидот, убивањето на жените и девојките поради нивниот род , рече амбасадорот.
Вал потенцира дека наодите од истражувањето спроведено од ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените покажуваат дека половина од жените во Македонија искусиле некаков вид на насилство во нивниот живот. Посочи дека речиси секоја трета жена во Северна Македонија била сексуално малтретирана. Четиринаесет проценти поминале низ физичко или сексуално насилство, а една од 10 искусила демнеење. Потенцира дека најчесто психолошкото се извршува од партнери, со тоа што 44 проценти од жените страдаат од ваков тип на насилство.
И Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство нагласи дека ситуацијата во земјава во однос на оваа прашање е поразлична од пред 15 години, подобрена е легислативата, но, како што рече, останува големиот предизвик – имплементацијата.
-Знам дека секогаш е најлесно да зборуваме за унапредување на законите, за правење нови стратегии, протоколи, програми кои евентуално на крај нема да се имплементираат или ќе се имплементираат минимално или воопшто нема да се имплементираат и главниот предизвик е неодвојување на финансиски средства од националниот буџет и локалните буџети. Секој закон има потреба од финансии. Не е возможно да се имплементира закон, без да се предвидат финансиски средства за истиот. Она што не се предвиди кога се усвои Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е колку пари ќе не чини како држава. Повеќе од три години до усвојувањето на Законот не сме ниту блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги , не сме ни блиску до овозможување на достапни и пристапни специјализирани сервиси за жени и деца кои преживеале насилство. Не знам дали има потреба повторно да се унапредуваат законите или треба пред себе да си признаеме дека додека не сме спремни да одвоиме пари, барем да не се лажеме дека правиме нешто? Не може да постои специјализирана услуга квалитетна, континуирана без да има за тоа предвидени средства. Нас како граѓански организации многу не загрижи информацијата која ја добивме за кратење на средствата од Министерството за социјална политика, демографија и млади во делот социјални услуги за скоро 50 проценти. Тоа е многу загрижувачка. Мора да обезбедиме пари во националниот буџет, во буџетите на министерствата, на општините, затоа што без да ги обезбедиме парите сите законски измени кои ќе ги направиме се апсолутно непотребни бидејќи не ќе можеме да ги имплементираме, рече таа.
Димушевска потенцира дека булингот е последица на насилството кое се доживува во семејството, посочувајќи се тој само по себе не е појавено од никаде како феномен.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече дека треба во текот на 365 дена од годината да бидеме грижливи за проблемот со насилството врз жените а не само во рамки на овие 16 од кампањата. Информира дека во нашата држава има мрежа на социјални установи, односно 30 центри за социјални работи кои ја покриваат целата територија на земјата.
-Нашата држава ја има ратификувано Истанбулската Конвенција , но за жал, далеку сме од исполнување на пропишаните стандарди. Досега во седум плански региони воспоставени се специјализирани сервиси за жени жртви на насилство кои не се доволни и не одговорат на потребите на жртвите. Во наредниот период согласно програмата за работата на Владата предвидуваме воспоставување на нови 10 специјализирани сервиси за жени жртви од насилство и семејно насилство. ВО наредниот период ќе се фокусираме на изготвување на осумгодишната националната Стратегија за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилството со Акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности, рееч Велковски.
Заменик-генералниот секретар на Собранието, Бобан Стојаноски истакна дека спроведувањето на законите и нивно подобрување е од клучно значење. Институциите мора да покажат нулта толеранција кон насилството. - Во таа насока, Собранието останува посветено да работи на унапредувањето на рамноправноста на жените и мажите, поттикнувајќи и поддржувајќи ги сите активности на тој пат, рече Стојаноски.
Никола Прокопенко од Министерството за правда соопшти дека работат на измените на Законот за кривична постапка, кој во моментот се преведува се очекува до крајот на оваа година или почетокот на следната година да биде пратен на мислење до Европската Комисија.
Кристина Плечиќ од УНДП истакна дека додека ние дискутираме за тоа како да се подобри системот за заштита на жртви од физичко насилство, во меѓувреме се повеќе растат формите на технолошки овозможено родово базирано насилство или дигитално насилство, односно насилство на интернет просторот.
-Ова ќе стане реален проблем уште повеќе заради тоа што сведочиме како не само нашите животи, туку особено животите на младите се префрлуваат се повеќе во виртуелниот свет. Од тука, мислам дека како држава треба да се подготвуваме навреме и за справување со овој тип на насилство. Како УНДП оваа година направивме анализа каква ни е состојбата во однос на технолошки овозможено насилство и увидовме дека треба да се направат промени во голем број на закони со цел да го адресираме овој тип на насилство. Треба да се направат дополнителни промени во Кривичниот законик. Ќе треба да работиме на сервиси. Моментално во државата ниту еден сервис не го покрива овој тип на насилство, рече Плечи