Секторот за даноци и такси од општина Куманово ги доставува годишните решенија за данок на имот и на физичките и правните лица, соопштија денеска одговорните од секторот. Доставувањето на решенијата за правните лица е веќе завршено.

-Мора да кажам дека наплатата не е на задоволително ниво за овој период од годината. Ги мотивираме нашите сограѓани да си го платат данокот на имот, не само за 2018, туку и за претходните години доколку не го платиле, бидејќи тоа е директен приход, по што општината ќе може да инвестира во инфраструктура и да инвестира, изјави раководителот на секторот, Андријана Недељковски.

Во овој период се доставуваат и опомени за неплатена фирмарина за претходната година. Од секторот апелираа и правните субјекти да бидат редовни и да ја подмират оваа обврска, за да не бидат приморани да ја применуваат законската иако, непопуларна мерка, присилна наплата.

Општина Куманово во текот на годинава има генерирано по основ на данок на имот за физички лица 33.833 решенија кои се доставуваат, за правните 300 кои веќе се доставени, а по основ на фирмарина 3.972 решенија.

-Граѓаните кои ќе направат промена во имотната состојба на недвижности треба да го испочитуваат законскиот рок и да побараат од даночното одделение пријава и да извршат пријава или одјава на имотот со кој располагаат, додава Недељковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 21:41