Организаторите на Летните олимписки игри во Токио, што ќе се одржат во 2020 година, во рамките на подготовките што се во тек ја претставија мобилната џамија, која се надеваат дека ќе им овозможи на посетителите од муслиманска вероисповест да се чувствуваат како дома.
Станува збор за синобел камион, кој може да се расклопува и се преобразува во место за боголсужба.
Јасухару Иноуе, извршен директор на компанијата „Јасу“, која ја изработи џамијата, наведе дека за време на Игрите нема да има доволно џамии за муслиманските верници, што според него е недопустиво за земја која се смета за дел од меѓународната заедница.
Мобилните џамии што ги произведува неговата компанија ќе можат да патуваат до различните олимписки борилишта.
Првата мобилна џамија беше претставена на стадионот „Тојота“, при што од задната страна на 25 тони тешкиот камион се подигаат врати и се отвора влез. Потоа од страните се извлекуваат платформи со што двојно се зголемува ширината на возилото. На овој начин се добива површина од 48 метри квадратни и може да прими до 50 лица.
Јапонија има околку 127 милиони жители, од кои се проценува дека од 100.000 до 200.000 се муслимани.