Битолскиот фоторепортер Петар Ставрев вечерва во НУ Центар за култура-Битола ќе промовира изложба на фотографии „Фолклорни мотиви“, дел од неговиот фотографски и репортерски опус, кој, како што самиот Ставрев вели, трае 50 години.
Изложбата на фотографии „Фолклорни мотиви“ е подготвена во рамки на 48. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, што од утре до 1 август ќе се одржува во Битола.
- На изложбата се застапени фотографии од републичките фестивали „Галичка свадба“, „Фестивал во Долнени“, а најголем дел се од фестивалот „Илинденски денови“. Содржината на изложбата е интересна затоа што се опфатени разни обичаи на сите етнички заедници во Македонија со кои се доловува фолклорното богатство на нашата држава, истакна фоторепортерот Ставрев во пресрет на вечерашното свечено отворање на изложбата.
Во фоајето на НУ Центар за култура-Битола ќе бидат изложени 50 фотографии во голем формат, во боја, а изложбата ќе ја отвори градоначалникот Наташа Петровска.
- Фотографиите се избрани од мојот фонд фотографии што го надминува бројот 10.000 фотографии на тема фолклор. Најголем дел од фотографиите се од фестивалот „Илинденски денови“ затоа што фестивалот го следам од првиот ден, од 1971 година, а на „Галичка свадба“ сум бил десеттина пати. Кога го вршев изборот на фотографиите внимавав на карактеристични моменти, односно на убавината на македонскиот фолклор како гордост на нашата држава, нагласи Ставрев.
За изложбата „Фолклорни мотиви“ на Петар Ставрев е изработен посебен каталог што вечер во Битола ќе го промовира Валентин Соклевски, етнолог, вработен во НУ Центар за култура-Битола.