Јавен настан со бројни креативни и едукативни активности за сите генерации утре со почеток од 18 часот ќе се одржи на Кејот „Македонија“ во Охрид, во организација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Настанот насловен „За сите во нашата заедница, од 1 до 101 година” има за цел зајакнување на соработката меѓу членовите на заедницата, невладините организации и институциите преку развивање на чувство за позитивен идентитет и припадност кон заедницата, промовирање меѓугенерациска комуникација и промовирање теми од општ интерес, како што се важноста на раниот детски развој и на институционалната и семејната поддршка за ментално и физичко здравје и благосостојба на возрасните.

На посетителите од најразлични генерации ќе им бидат понудени девет катчиња со активности од кои дел се: совети за здрави читачки навики, за родителство, уметничко и танц катче, јога за смеење, како и кафе-разговор со професионалци од областа на менталното здравје. Вечерта ќе ја завршиме со проекција на документарни филмови внимателно одбрани од „Македокс“, како и со DJ сет на Тони Зен. Главната одлика на сите активности е што се наменети за меѓугенерациска соработка и дружење.

Активностите се во рамки на кампањата „Мрдни со прст", која има за цел подигање на јавната свест за различните можности за општествени промени кои може да ги направи секој поединец, и ќе понуди идеи и можности за придонес кон конкретни активности во рамките на заедницата во која граѓаните можат да се ангажираат индивидуално и колективно. Во текот на август, вакви настани ќе се одржат и во Битола и Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2018 15:44