Неолитскиот локалитет „Врбјанска чука“ во атарот на општина Кривогаштани, Прилепска Пелагонија, датира до 5.900-та година пред нашата ера и бил голем производствено-стопански центар во Пелагонија со посебни карактеристики, невообичаени за Македонија и за Европа, се најновите сознанија на археолозите по анализите на пронајдените остатоци од локалитетот.

Локалитетот „Врбјанска чука“ се истражува трета година и сега пристигнаа алализите на стручните екипи од Полска, Чешка, Шпанија, Швајцарија, Германија и од Словенија кои овој неолитски локалитет од пред 8.000 години, со траги од римскиот и од средновековниот период, го сместуваат во ретките во Македонија и Европа.

Како што истакнува археологот Гоце Наумов од Центарот за предисториски истражувања на Македонија, локалитетот е комплексен бидејќи освен неолитска, има и доцноантичка и средновековна фаза.

- Археоботаничките анализи кои ги правеа колегите од Чешка приложија нови сознанија за исхраната и вегетацијата во околината на локалитетот. Сега имаме податоци за сите житарки кои луѓето во Неолитот ги јаделе. Имаме податоци за пченица, јачмен и други видови жито, потоа за конзумирање леќа, грашок, на сливи, цреши, така што, нашите предци не само што се занимавале со земјоделство, туку и собирале плодови. Зооархеолошките анализи ни потврдија дека се јадело говедско месо, што не е вообичаено за неолитските локалитети во Македонија и пошироко, вели Наумов.

Откриени се и стопански објекти и необично е тоа што во еден објект, се откриени дури седум градби.

- Таква градба, со обем од 13 на 7 метри со седум стопански структури нема откриено во Македонија, а пошироко се многу ретки. Сознанијата укажуваат на масивни амбари во другите објекти во кои се чувало жито. Откриени се и глинени структури во кои, веројатно се мелело житото. На пример, во градбата број 2 се најдени дури 12 мелници, вели Наумов.

Архитектурата, храната и остатоците од животински коски потврдуваат постоење на земјоделска заедница која, претежно, се фокусирала на житните култури.

- Според анализите во Швајцарија ја констатиравме староста на локалитетот кои укажаа дека локалитетот потекнува од 5.900-та година пред новата ера или, потекнува од пред 8.000 години. Стручњаци од Шпанија прават детални анализи на камените алатки. Дури 70 насто од кремените алатки кои се пронајдени биле користени за жнеење. Заедно со пронајдените семиња и стопанските структури и големиот број говеда, доволно потврдува дека неолитската заедница примарно одгледувала житни култури, а со тоа и производството на леб, објаснува Наумов.

Стручњаците од Германија се концетрирале на архитектурата. Анализата покажа дека како основа на градбите се користеле дрвени столбови на кои се нанесувал „лепеж“, кој го има на голем број органски остатоци и за првпат има отпечатоци од жито.

- Досега во Македонија тоа не е откриено. Првпат гледаме како изгледале органски остатоци од самото растение. Ова е и редок пример во Европа, нагласува Наумов.

Стручњаците од Полска ги скенирале тумбите. Досега се скенирани две тумби во близината на локалитетот.

- Тоа укажа на просторната организација во неолитот. Откривме дека околу населбата имало ровови кои отвораат нови прашања за што биле: дали за обреди или за заштита од попави и пожари, зашто Пелагонија била уште тогаш подложна на тие опасности. Затоа населбата е на тумба, на возвишување да се спаси од поплави и пожари. Според дигиталното мерење на локалитетот станува збор за локалитет со дијаметар од 130 метри и е на висина од 4 метри, смета Наумов.

Македонскиот тим се занимава со материјалната култура и со архитектурата за да добие сознанија како се живееело пред 8.000 години.

- Пронајдени се голем број стопански структури невообичание за Макеоднија и Балканот. Врбјенска ќука е превиот локалитет во Македонија со големи амбари и масивни стопански објекти, а отркиени се досега седум. Амбарите се еден метар на метар, некаде и до четири метри, несвојствени за овие простори. Освен тоа, посебноста е во декорирањето како жртвениците што укажува и на тоа дека стопанските активностио биле блиску поврзани со верувањата на жителите, зашто земјоделието не било само стопански облик, туку блиску и до религијата. Затоа, не случајно амбарите имале и жртвеници. Има огромен број на фина керамика, невообичаено за ваквите локалитети, вели Наумов.

Локалитетот носи печат и од раноантичките и средновековни периоди на живеење.

- Од римскиот период имаме остатоци од градежна керамика и остатоци од јами кои укажуваат на складишни објекти. Од средновековниот период има остатоци од јами, а се потврдуваат сознанијата за остатоци од средновековна некропола од тој период. Нема сознанија за континуитет и се потребни нови истражувања, вели Христијан Талевски, стручен соработник од Институтот за старословенска култура од Прилеп.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2018 02:10