Десетгодишно дете починало, а три други се повредени во несреќа со трактор, кога децата паднале од металната корпа која била прикачена на возилото, соопшти полицијата.
Како што информираат од полицијата, синоќа околу 20:00 часот во нива лоцирана над крстосницата за село Сливник, покрај пат кој води кон село Рлевци-велешко С.С. (18) од село Бузалково го паркирал тракторот „ИМТ 542“ со велешки регистерски таблици на кој имало прикачено импровизирана метална корпа во која се наоѓале четири деца, две на возраст од 10 години, едно осумгодишно дете и едно петгодишно сите од Бузалково.
Во еден момент тракторот тргнал во удолнина при што две од децата на возраст од 10 и пет години паднале од металната корпа и се здобиле со тешки телесни повреди.
Останатите две деца успеале да излезат и се здобиле со телесни повреди. Десетгодишното, осумгодишното и петгодишното дете биле пренесени во Општата болница во Велес. Лекар од болницата кај десетгодишното дете констатирало смрт, додека кај петгодишното дете биле констатирани тешки телесни повреди и било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Кај осумгодишното дете биле констатирани телесни повреди и било задржано на понатамошно лекување во Општата болница во Велес.
Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Велес.