На сцената на амфитеатарот во древниот антички град Стоби вечерва свечено ќе биде затворен годинашниот 17-ти Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“, во организација на општина Велес и под покровителство на Министерството за култура.
На фестивалот вечерва ќе бидат доделени востановените награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и Гран при наградата за најдобра претстава. Од идната година сите награди ќе бидат именувани по познати глумци и режисери, најавија организаторите на фестивалот.
За наградите одлучува жирито на фестивалот, чиј претседател е познатиот руски режисер Николај Круглов, а членови актерот Мето Јовановски и театарологот Ана Стојановска.
Во конкуренција за наградите се пет претстави: „Лисистрата“ од Аристофан во изведба на велешкиот Народен театар, претставата „Јулие Цезар“ на Битолскиот Народен театар, „Ардалион“ на Ерванскиот државен театар за пантомина, „Кралските копилиња“ на велешкиот Народен театар и претставата „Нерон и јас“ на Хамбилскиот регионален руски драмски театар од Казахстан, а која беше изведена вчеравечер во Стоби.
Во чест на наградените и затворањето на фестовалот ќе биде изведена комедијата „Лисистрата“ од Аристофан во режија на ерменскиот режисер Јакоб Казанчјан, на ансамблот на велешкиот Народен театар. Современа верзија, а која премиерно беше изведена на свеченото отворање на фестивалот на 19 јули.
Организаторите и вечерва во Стоби ги повикуваат да дојдат сите љубители на античкиот театар, а за сите нив влезот е слободен. Воедно во 19:45 за велешката публика се обезбедени и бесплатни автобуси од центарот на Велес.