Британецот Герајнт Томас го освои 105-тото издание на „Тур де Франс“. За 32-годишниот натпреварувач на „Скај“ ова беше прва победа во било која од големите три велосипедски тури во светот - оние на Франција, Италија и Шпанија.
Томас, кој е двократен олимписки шампион, ја заврши со главната група денешната 21-ва етапа од турнејата, во кој беа поминати 116 километри од околината на Париз до Шанз-Елизе.
Роден во Велс, велосипедистот го заврши натпреварувањето со вкупно време од 83 часа, 17 минути и 13 секунди и го надмина за 1:51 минути Холанѓанецот Том Думулен („Тим Санвеб“), кој заврши втор.
Четирикратниот победник Крис Фрум („Скај“ / Велика Британија) остана трет во крајниот пласман со заостанување од 2:24 минути од Томас, а челната шестка беше дополнета од Словенецот Примож Роглич на 3:22 минути, Холанѓанецот Стивен Кросвајк на 6:08 минути и претставникот на домаќините од Франција - Ромен Барде на 6:57 минути.
Победник во денешната етапа во најпрестижната трка во велосипедизмот ја зеде Норвежанецот Александер Кристоф од тимот на „Обединетите Арапски Емирати“, кој направи многу силен финален спринт во последните 500 метри и го претекна за милиметри Германецот Џон Дегенколб и Французинот Арно Демар. Кристоф заврши со време од 2 часа, 46 минути и 36 секунди, а помалку од 15 секунди потоа Томас ја премина целната линија, прегрнат со својот најдобар пријател од детството Фрум.