Градоначалникот на општина Чашка Горан Стојановски во изјава за МИА вели дека долгот на локалната самоуправа што го затекнал на 7 ноември 2017 година при ставувањето на должност, во изминатиов период е намален за речиси 80 проценти или од вкупно 15 милиони и 340 илјади денари вратени се 12 милиони и 340 илјади денари.

- Сметам дека во периодот што следи со ратата која треба да ја исплатиме во август по основ на кредитот што е земен пред четири години, од септември годинава ќе можеме како општина да функционираме беспрекорно, а тоа ќе значи да дојдеме само на месечните трошоци на општината. Со тоа ќе бидеме ликвидни за да функционираме, најави Стојановски.

Градоначалникот воедно информира дека во изминатите месеци од кога е на функцијата работел на санирање на возниот парк во општината и ги регистрирале возилата кои биле запоставени и ја средиле општинската зграда каде бил набавен нов инвентар и нова компјутерска опрема за вработените, а моментално се работи на повеќе проекти за подобар живот на жителите во општина Чашка.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 14:14