Ансамблот на НУ Народен театар-Битола, утревечер на матичната сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Но(е)ва Македонија“ за чија режија беше ангажиран гостинот од Србија, режисерот Кокан Младеновиќ.

Авторскиот проект „Но(е)ва Македонија“ претставува ангажирана општествена сатира која има за цел да ги истражи механизамите на политичката грандоманија, манипулација, злоупотребата на историските документи и фалсификување на историските факти, што се во интерес на одредена група луѓе.

- Тимот на Битолскиот театар е еден од најдобрите со кои сум работел. Станува збор за актери кои се подготвени да дадат одговор за девијациите и проблемите во ова време. Во претставата се обидовме да бидеме комични, а во вториот дел од претставата да бидеме сериозни и да понудиме драма. Се навикнавме на политичките елити кои наместо народот се претставуваат самите себе и својот капитал, сервираат идеи од кои страдаат невини луѓе, а ним им е се подобро и подобро. Со оваа претстава сакаме да испратиме потсмев и да спречиме некои нови изопачувачања на историјата, а јас како песимист верувам дека злоупотреби на историјата ќе има и во иднина, рече меѓудругото српскиот режисер Младеновиќ.

Во претставата „Но(е)ва Македонија“ ќе настапат актерите Катерина Аневска Дранговска, Валентина Грамосли, Сандра Грибовска, Огнен Дранговски, Илина Чоревска и други. Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Благој Мицевски. Музиката за оваа претстава ја компонираше гостинката од Србија Ирена Поповиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 14:20