Актери од Драмскиот театар од Скопје синоќа пред преполна сала во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид , во рамки на фестивалот „Охридско лето“, ја изведоа театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња, режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ.

Темата на претставата е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината. Публиката на „Охридско лето“ не ги штедеше аплаузите за фасцинантната и моќна приказна која донесе сосема поинаква естетска димензија, информираа од НУ Охридско лето.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играа Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“ е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 22:03