Со низа свечености во Делчево денеска се одбележа 2. Август - Денот на двата Илиндена: 115 години од кревањето на Илинденското востание во 1903 година и 74 години од Првото заседание на АСНОМ одржано во 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“.

Претставници од Општина Делчево, локалните институции и политичките партии, положија свежо цвеќе пред спомениците на идеологот на македонската револуционерна борба - Гоце Делчев и на паднатите борци во центарот на градот.

Честитајќи им го празникот на граѓаните, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски рече дека Македонија има обврска да го трасира патот за европска Македонија што бил и вековен стремеж на оние кои ги дале животите за Македонија.

- Двата Илиндени не обврзуваат да ја чуваме оваа македонска земја, која што со векови е натопена со револуционерната крв на нашите претци, но и ни дава за задача да го трасираме нејзиниот пат кон иднината, да го оствариме нејзиниот вековен стремеж да биде европска држава. Македонија е на многу добар пат за да ја оствари оваа цел и гордо да чекори кон иднината, и да биде рамноправна со сите европски држави, истакна Трајковски честитајќи го празникот.

Празнувањето продолжи во дворот на манастирот „Св. Илија“ во селото Ѕвегор, каде е организирана богата културно-уметничка програма со заеднички ручек за сите присутни.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2018 16:28