Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот македонски конгрес во соработка со здруженија на граѓани во потпелистерското село Трново ја одржаа традиционалната 47. Семакедонска средба.
На народниот собир во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески истакна дека нивната организација нема да остане изолирана од актуелните општествено-политички состојби и, како што рече, нема да се дозволи Македонија да биде ничиј заложник.
- Единството кое постоеше во НОВ мора да го постигнеме и денес. Македонија може да излезе од сегашнава криза ако ја прифати филозофијата на борците од 1941 година. Македонците ништо не можат да сторат за себе ако тоа не го сторат и за другите. И другите ентитети не можат ништо да направат за себе, ако тоа не го направат и за Македонците. Тоа е многу благородна идеја. Ако АСНОМ беше синоним за единство на различностите, денес имаме обврска тоа ниво да го надминеме и надградиме. Ни треба постасномска Македонија, рече Петрески.
За претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, неприфатливи се потпишаните договори меѓу Република Македонија и Република Бугарија, и меѓу Република Македонија и Република Грција, како и одлуката за референдум што ја донесе Собранието.
- Бараме Уставниот суд, врз начелата на приоритет и итност, веднаш да ја поништи одлуката за распишување референдум, а доколку се спроведе неуставен и незаконски референдум, тогаш повикуваме на бојкот и неизлезеност на гласањето на 30 септември. Македонија мора да остане неутрална држава, бидејќи и за нас важи правилото Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси, и затоа предлагаме помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и договори за траен мир и добрососедство врз основниот принцип на меѓународното право, а тој е еднаква сувереност, рече Петров.
На семакедонската средба во потпелистерското село Трново беше приредена и богата културно-уметничка програма во која учествува КУД „Гоце Делчев“ од Битола и естрадни уметници.