Граѓански здруженија во САД поднесоа тужби против претседателот Доналд Трамп и членови на неговата администрација под обвинение за нечовечки однос кон повеќе од илјада илегални имигранти во Калифорнија.
- Од 8 јуни се држат луѓе во федерални центри, на кои им се нарушени уставните права, се наведува во тужбата, поднесена од повеќе организации, меѓу кои и влијателната Американска унија за граѓански слободи и Бирото за правни слободи на затвореници во Калифорнија.
- Тие се затворени во ќелии речиси поголем дел од денот и ноќта и не добиваат медицински услуги. Им се дава несоодветна храна, на пример млеко со поминат рок на употреба или сендвич од само две парчиња леб, се додава во тужбата.
Во текстот се тврди дека имигрантите во Калифорнија се подложени „на сурови услови, кои можат да се опишат само како казнени и нечовечки“.
Жалбата е поднесена против претседателот Трамп, министерката за внатрешна безбедност Кирстен Нилсен, министерот за правда Џеф Сешнс и вработени во граничната полиција и други државни институции.