Двајца лекари и една медицинска сестра денеска рекоа дека биле притиснати од властите на сирискиот претседател Башар ал-Асад да лажат за време на сведочењето и да негираат каква било употреба на хемиско оружје пред меѓународните истражители по нападот со хлор во 2018 година во Дума, во близина на Дамаск.

На 7 април 2018 година, додека Дума, последното упориште на бунтовниците во провинцијата Гута, беше под интензивно бомбардирање, беше погодена зграда во близина на теренската болница.

Медицинските работници кои ги лекувале жртвите од нападот во интервју за АФП изјавиле дека биле испрашувани од безбедносните служби, пренесе Бета.

- Ми рекоа дека знаат каде да го најдат моето семејство, изјави ортопедскиот хирург Мохамед Ал Хана.

Лекарот во итна помош Хасан Ојун рече дека припадници на службата за безбедност дошле кај него за да извршат притисок вперувајќи пиштол во него.

Мувафак Нисрин, кој во тоа време бил возач на брза помош и болничар, рече дека му било наложено да каже дека немало хемиски напад.

- Бев под притисок бидејќи моето семејство живее во Дума, како и повеќето семејства на медицинскиот персонал, рече тој.

Во извештајот од јануари 2023 година, Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) го обвини Дамаск дека извршил напад со хлор во кој загинаа 43 лица.

Според неговите истражители, имало разумни основи да се „верува дека барем еден хеликоптер на сириските воздухопловни сили исфрлил две буриња отровен гас врз градот Дума“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2024 03:24