Русија денеска ги оцени обвинувањата на САД за руско мешање во американските избори како „хистерија, што ги прави смешни“.
-Таа хистерија, која продолжува веќе две години околу наводното руско мешање, какво што никогаш немало, не само што ги поткопува билатералните односи, туку го прави смешен целиот американски политички систем, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Изјавата на Захарова претставува реакција на обвинувањата на неколку американски високи претставници - од началникот на разузнавањето до директорот на ФБИ, дека Русија продолжува со обидите „да ги ослаби и подели“ САД.
- Заканата е вистинска. Таа продолжува. Правиме се што е можно да имаме избори, во кои Американците можат да имаат доверба, истакна раководителот на разузнавачките служби Дан Коутс, неколку месеци пред ноемвриските избори за избор на една третина од членовите на Сенатот и за целиот состав на Претставничкиот дом.
Американското разузнавање ја обвини Русија дека со мешање во изборите за претседател во 2016 година му овозможила победа на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Таа претпоставка за руско мешање во изборите стана предмет и на истрага во САД, која Трамп ја нарече „лов на вештерки“.
Руските власти многупати досега ги отфрлија ваквите обвинувања.