Вкупно 40 крвни единици беа собрани во рамки на редовната крводарителска акција која денес во организација на Општинската организација на Црвен крст се спроведе со крводарителите од Делчево. Акцијата се реализираше во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје од каде изразија задоволство од масовниот одзив на хуманите граѓани од Делчево.
- Им благодарам на хуманите граѓани на Делчево кои денес несебично ја подадоа раката и подарија од капката која спасува човечки животи. Благодарение на нив денес беа собрани 40 крвни единици што е задоволителна бројка кога станува збор за Општинската организација на Црвен крст која во овој дел од Македонија е меѓу најактивните. Се надевам дека и понатаму граѓаните од Делчево ќе продолжат да ја докажуваат својата хуманост на дело преку редовното учество во крводарителските акции кои се организираат еднаш месечно, истакна Јасмина Трајкова, вработена во Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
Инаку, следната крводарителска акција во Делчево е закажана за почетокот на месец септември.