Словенечката писателка Габриела Бабник, која во 2013 година ја доби Наградата на Европската Унија за литература, овој месец ќе престојува во Скопје како гостин на резиденцијалната програма за писатели во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“.
Проектот се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
За време на престојот во Скопје, Бабник ќе работи на својата нова книга, а ќе има можност да ја запознае македонската книжевна и културна сцена и за средби со македонски писатели, преведувачи, издавачи.
Габриела Бабник (1979) е писателка, литературна критичарка и преведувачка која досега има објавено три романи. Нејзините новинарски текстови, книжевни и филмски критики редовно се застапени во неколку словенечки весници и списанија.
Родена е во Германија, студирала компаративна книжевност на Универзитетот во Љубљана, по што заминала во Африка, која станала инспирација за нејзините дела. Магистрирала на тема од современиот нигериски роман.
За својот прв роман „Кожа од памук“ во 2007 година ја доби наградата за најдобра дебитантска книга на Саемот на книга на Словенија, а за третиот роман „Сушен период“ во 2013 година ја доби наградата на Европската Унија за литература. Наградениот роман во 2015 е преведен на македонски и го објави издавачката куќа „Антолог“.