Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја ќе воведе санкции против двајца американски министри како одговор на санкциите наметнати од Вашингтон против министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу и министерот за правда Абдулхамит Ѓул.
- До минатата вечер бевме трпеливи, но САД не се откажаа од намерата. Како одговор на санкциите наметнати од нивна страна на наши министри, ќе ги замрзнеме финансиските средства на американскиот министер за правда и на министерот за внатрешни работи онака како што тие постапија против нашите министри. Веќе дадов наредба и тоа се спроведува , рече Ердоган.
Голем дел од својот говор пред учесничките на Петтиот конгрес на женските организации на владејачката Партија на правдата и развојот во Анкара, Ердоган го посвети на кризата со Вашингтон. настанат по апсењето на американскиот свештеник Ендрју Бренсон, кому во Турција му се суди за шпионажа и тероризам. Анкара одбива да го ослободи од судска одговорност и да го предаде на американската страна, и покрај личното инсистирање на Доналд Трамп.
- Турција е правна држава и никој не може да ни наредува што да правиме. Сите одговорни за теророт во нашата земја ќе платат за тоа, посочи Ердоган. Тој исто така рече дека активностите на САД во врска со случајот со Бренсон не соодветствуваат на нивото на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
- Ова е сериозна пројава на непочитување на Турција, рече турскиот претседател.