Миистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство презема мерки за зголемување на бројот и подобрување на расната структура во стадата на овци во Македонија и поради тоа во програмата за 2018 година овчарството финансиски се поддржува со директни плаќања за обележани грла овци од сите категории со 1.000 денари, односно 1.100 за земјоделски стопанства кои имаат пријавено од 101 до 500 грла овци од сите категории. Заменик-министерот Благе Цветковиќ денеска на 12. Ден на одгледувачи на овци што се одржува во Маврово-Ростуше во обраќањето истакна дека продолжува и поддршката со 4 денари по литар за сточарите кои произведеното и предадено овчо млеко го предаваат во регистрирани преработувачки капацитети. Дополнителна поддршка од 700 денари има и за задржано женско јагне. - Посебна поддршка преку дополнителни директни плаќања во висина од 550 денари им се доделува и на сточарите кои одгледуваат од автохтоните раси Праменка (Овчеполка, Шарпланинаска и Каракачанска) обележани и евидентирани во Регистарот на одгледувалишта на овци и запишани во матична книга на Призната организација на одгледувачи на овци од расата Праменка (Овчеполка, Шарпланинска и Каракачанска) на денот на поднесувањето на барањето. Исто така, и 50 отсто повисоки субвенции за органско производство, истакна Цветковиќ. Ресорниот заменик-министер рече и дека преку „Програмата за рурален развој“ сточарите имаат можност за поврат на средства 50 проценти од инвестицијата за набавка на машки и женски приплодни педигрирани грла, како и поддршка за платите за овчарите. - Стратегијата на Владата и на Министерството за земјоделство е јасна, ќе го подржуваме максимално сточарското производство се со една цел - да ја вратиме гордоста на ќајите во Македонија, рече Цветковиќ, додавајќи дека Македонија е препознаена по македонското јагне, старото македонско овчо бело сирење и прочуениот кашкавал, а за Денот на одгледувачи на овци дека е можност на едно место да се соберат производители, преработувачи и експерти за сточарство од Македонија и од регионот. Градоначалникот на Маврово-Ростуше Медат Куртовски истакна дека манифестацијата, која се организира од 2005 година, е од посебен интерес за општината и затоа, рече, и во наредниот период ќе продолжи поддршката таа да прерасне во интернационална. Според Меџит Амити, петседател на Регионалнотото здружение на овчари, Денот на одгледувачи на овци во наредниот период треба да прерасне во неколкудневна манифестација која ќе ги промовира македонското овчо сирење и кашкавал кои, како што рече, се изработуваат со традиција, искуство, љубов и трпение. И оваа година на манифестацијата се избира најдоброто македонско бело овчо сирење, се одржа и натпревар во стрижење овци и борба со пеливани. Гостите имаа можност да дегустираат овчарски грав, овчо сирење и кашкавал и да проследат културно-уметничка програма.