На градскиот плоштад во Гостивар синоќа беше отворен 4. Меѓународен фестивал „Заборавени вредности“, На триесетина штандови поставени на плоштадот гостиварци два дена ќе можат да видат како се изработуваат предмети од дувано стакло, калиграфија, сликање на порцелан, правење кондиторски производи и многу други стари занаети.
Фестивалот го отворија гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари и градоначалникот на општина Картепе од Турција, Хусеин Узулмез.
Посакувајќи им добредојде на гостите од Турција, градоначалникот Таравари во обраќањето нагласи дека негувањето на соживотот е значајна придобвика.
- Понудата да гостува еден ваков фестивал ја прифатив безрезервно. Не само што се вклопи во нашето културно лето, кое е исполнето со низа настани, туку се вклопи и во мозаикот на соживотот во нашата општина. Се надевам дека ова ќе биде почеток на едно ново и долго пријателство и соработка, рече Таравари.
Делегацијата од Турција предводена од градоначалникот на општина Картепе го пофали топлиот и срдечен прием, а за возврат на гостиварци ќе им претстават дел од традицијата, занаетите и културата на неговиот регион.
Дел од културната традиција на Турција на синоќешното отворање на фестивалот беше претставена и со концерт на фолкорни друштва.