Гувернерот на Калифорнија побара помош од Вашингтон поради пожарите, во момент кога илјадници пожарникари продолжуваат да се борат со најголемите пожари што ја зафатиле таа американска држава.
-Борбата против овие немилосрдните пожари бара огромен напор, рече Џери Браун во своето барање до Белата куќа по посетата на области погодени од пожарите.
-Потребна е дополнителна федерална помош веднаш за да се намали директната закана за јавното здравје и безбедност.
Пожарникарите се обидуваат да локализираат 17 големи пожари кои со недели беснеат низ државата и во кои досега загинаа најмалку осум луѓе.
Два пожари, кои се активни северно од Сан Франциско, уништиле досега 815 квадратни километри, соопшти државната агенција која управува со реагирањето на итни случаи.
Тоа е шестиот најголем шумски пожар во историјата на Калифорнија, според американските медиуми. Повеќе од 12.000 објекти се под закана и 18.000 жители се евакуирани.
Во меѓувреме, во близина на градот Рединг пожарот уништи повеќе од 1.000 домови и загинаа шест лица.
Друг пожар е активен и во близина на Националниот парк Јосемити, и досега локализирана е само една третина од него.