Во рамките на проектот „Rural youth assisting Macedonia in EU integration“ во Делчево ќе се спроведе „Работилница за врсничка едукација за ЕУ и улогата на младите од руралните средини во поддршка на евроинтеграцијата на Република Македонија“. Проектот има за цел да ги зајакне способностите на младите од источниот и југоисточниот плански регион и нивните организации за нивен активен придонес кон совладување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија во процесот на евроинтеграција. Како што изјави Валерија Соколова од Регионален центар за застапување - Делчево, основна цел и задачи на работилницата се унапредување на знаењата на младите од Делчево, Виница и Пехчево и неговата околина за Европската унија и европските политики, критериумите за влез во ЕУ на земјите со статус кандидат за ЕУ, како и за улогата на младите од трите града во помагање на процесот на евроинтеграција на Македонија. - Работилницата се очекува да придонесе кон подобра информираност на младите за Европската унија, нивно мотивирање и зајакнување на свеста за потребата и моќта на активното придонесување на младите од Делчево Виница и Пехчево, кон успешна евроинтеграција на Р. Македонија, рече Соколова. Настанот ќе се одржи на 13 август, а наменет е за учесници од општина Делчево, Виница и Пехчево кои се на возраст од 16 до 29 години.