Општина Гевгелија, како никогаш порано се најде во период на градежна експанзија на капитални проекти што треба да го подобрат квалитетот на живеење и, според стандардите по кои се градат, да ја доближат општината до нивото на развој во ЕУ.

Некои од проектите се наоѓаат во финална фаза на реализација, некои сега почнуваат да се градат, а некои се во најава на брз почеток на градба, но сите тие имаат иста цел да и дадат на општина Гевгелија европски изглед.

Пред десетина дена почна градбата на браната од хидросистемот „Конско“ која претставува желба на гевгеличани стара точно 40 години, а за водостопанството на овој регион најголем проект во последните 50 години, вреден 39 милиони евра.

Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков вели дека проектот Конска брана не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак на СДСМ, туку е проект на сите граѓани на општина Гевгелија од причина што постарите од нив добро се сеќаваат дека уште во 1978 година граѓаните на Гевгелија по пат на самопридонес издвојуваа пари за градење на браната Конско.

- Точно е дека реализацијата на проектот почна за време на претходната Влада и општинско раководство, но најпрво беше извршена ревизија на стариот проект, а по тендерската постапка беа извршени само подготвителни активности за ископ на локацијата. Конска брана почна да се гради деновиве и тоа на огромно задоволство на сите граѓани без разлика на нивната партиска определеност бидејќи станува збор за капитален зафат со мултиплексно значење и придобивки, рече Поцков.

Браната Конско ќе обезбеди вода за наводнување на 8.000 хектари во регионот или пет пати повеќе од досегашните едвај 1.500 хектари, што беше главна интенција на Владата на РМ.

Во финална градежна фаза е новиот водоснабдителен систем од кого гевгеличани чекаат поквалитетна вода за пиење од бунарите кај Вардар кои покрај постојните бунари кај Моин треба да обезбедат капацитет од 200 литри вода во секунда за која се смета дека потполно ќе ги задоволи потребите од чиста и здрава вода за пиење.

Неговото пуштање во употреба, кое беше најавено за крајот на јуни, два пати беше одложувано, поради што градоначалникот Поцков беше критикуван од опозицијата. Сепак, тој вели дека причината треба да се бара во пропустите направени при подготовка на техничката документација и затворањето на финансиската конструкција при што не се водело сметка за можни отстапки.

- Токму поради тоа на последната седница на Советот на општина Гевгелија моравме да донесеме одлука за обезбедување сопствено учество од преку три милиони денари за покривање на разликата меѓу износот на одобрениот кредит и одобрениот грант со договорениот износ со изведувачот како и уште два милиони денари за приклучување на системот кон електричната мрежа, појасни Поцков.

Веќе неколку месеци пробно работи Пречистителната станица во Гевгелија чија изградба преку ИПА програмата за меѓугранична соработка со над девет милиони евра ја финансираа владите на Швајцарија, Грција и Македонија. Кога ќе се комплетираат лабораториите за мониторинг на водата таа свечено ќе проработи, но до тогаш предизвикува полемики со цената за услуга за прочистување на водата која ги обременува комуналните сметки на граѓаните.

- Во декември лани донесовме одлука но врз основа на студијата од Регулаторна комисија која беше изготвена според доставените финансиски параметри од јавното комунално претпријатие во Гевгелија за 2016 година. Сите се согласивме дека таа цена беше висока и неодржлива. Затоа побаравме преиспитување и корекција на параметрите по што беше намалена цената на оваа услуга со едногласна одлука на советниците, рече Поцков.

Кај Ново Конско во завршна фаза на изградба е времената депонија за комунален отпад, вредна 1,1 милион евра која според градежните стандарди треба да биде пример за решавање на еко проблемите во Македонија.

- Имаме обврска проектот успешно да го завршиме до крајот на август. За таа цел работите на теренот се одвиваат според планот и тие се во завршна фаза, нагласи Поцков кој подвлече дека приоритет ќе имаат изградбата на патот и електроснабдуваењето за кое ќе бидат потребни дополнителни средства.

На 18 јули во Гевгелија Поцков со градоначалниците на општините Пеонија и Халкидона од Грција се договори да почне реализацијата на проектот за уредување на коритото на Сува река, особено во урбанизираниот дел на градот, а во врска со уредување на туристичкиот локалитет „Динќут“ рече дека работите се изведуваат според динамичниот план и треба да бидат завршени до крајот на годината.

Покрај сите овие капитални проекти од одделението за комунални работи на општина Гевгелија најавија дека е готов за реализација и проектот за доградба на 14 училници во гевгелиската гимназија за кого накоро ќе се отвори тендерска постапка. Овој проект ќе обезбеди гимназијалците да следат настава до две смени.

Илија Манолов



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 10:13