Двајца преживеани борци од Народноослободителната борба на Македонија, Атанас Наце Златев и Раде Гогов Црноречки, на 95 години пишуваат книга за Диме Поп Атанасов - прва жртва од фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна во Македонија.
Златев бил и еден од сведоците на загинувањето на Атанасов, кој бил предаден од домашни предавници.
Годинава се навршија 77 години од трагичниот настан кој се случил помеѓу селата Горни и Долни Дисан, општина Неготино.
Диме Поп Атанасов бил роден во 1917 година во Неготинско и уште како млад ја почнал борбата против експлоатацијата на сиромашниот народ.
Како што кажува Атанас Најдов, претседател на неготинскиот Сојузот на борци, кога во Кавадарци била формирана Комунистичката партија, Диме бил примен во редовите на СКОЈ, а потоа и во КП за Кавадарци. Тие негови активности биле откриени од полицијата па неколку пати бил приведуван на сослушување. По партиска задача, на 12 јули 1941 година, заедно со двајца свои другари, од кои едниот е Златев, бил пратен во селата од Дисанијата. Таму имале успешни состаноци и разговори со селаните. Следниот ден во Горни Дисан биле забележани од домашните предавници.
- Селските кметови ја мобилизирале селската стража формирана од окупаторската власт, со цел да ги уапсат напредните младинци кои зборуваат против поробувачите. Тројцата активисти одеднаш се нашле во тешка положба. Услови за договарање немало, па затоа за миг одлучиле со бегање да се спасат од ненадејната и опасна стапица. И така направиле. Се дале во бегство по коритото на малата рекичка. Меѓутоа и провокаторите покажале голема упорност. Засилено трчале по нив, вели Најдов.
Здравствениот проблем со нозете бил кобен за Диме. Застанал со трчањето, а тоа го искористиле злосторниците, народни предавници. Пукајќи одблизу, смртно го погодиле 24-годишното момче.
Неговата смрт била уште поголем поттик за забрзување на подготовките за организирање на општонароден оружен отпор против фашистичкиот окупатор.
Во негова чест, подигнат е споменик помеѓу двете села во Неготинско.
Златев и Гогов се меѓу ретките учесници во НОБ, кои се живи. Двајцата потекнуваат од Тиквешијата.