Локалната самоуправа на општина Кратово објави јавен оглас до сите евидентирани невработени лица за вклучување во Програмата „Општинско – корисна работа“ која Општината ќе ја спроведе врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година усвоен од Владата на Република Македонија.
Согласно договорот за Програмата „Општинско – корисна работа“ финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РМ отворен е повик за сите евидентирани невработени лица заинтересирани да се вклучат во проектот “Подадени раце” при што лицата ќе можат да се стекнат со вештини за постепено вклучување на пазарот на труд. Потенцијалните кандидати треба да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово најдоцна до 13 август годинава.
Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица кои припаѓаат на една од следните целни групи: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок по основ на невработеност, лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, инвалидни лица, жени припадници на помалите етнички заедници, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца, лица со незавршено средно или пониско образование. Предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество во Програмата.
Од општина Кратово информираат дека евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од дваесет работни часови неделно, при што за време на работниот ангажман статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на проектот ќе им биде активно правото на користење социјална помош.
Работните позиции што се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на неговател на стари, изнемоштени лица и лица со попреченост, физиотерапевт, соработник за музичка уметност и образовен асистент во редовна настава. За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во проектот од општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување од случај на несреќа при работа и професионално заболување.
Заинтeресираните невработени лица, можат да поднесат пријави за учество во Програмата во Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово, секој работен ден, најдоцна до 13 август 2018 година, а детални информации за Програмата можат да добијат кај општинскиот координатор за Програмата „Општинско – корисна работа“ при општина Кратово, како и во Агенција за вработување – Центар за вработување Кратово и Центар за социјлна работа Кратово.