Популарни кубански танци од најразлични жанрови ќе понуди „Екос Фламенго“ групата во рамки на „Кубанската вечер“ предвидена за 26-тиот ден од годинешното фестивалско издание на „Охридско лето“.

Станува збор за специјален проект реализиран од страна на Кубанската влада, а во Македонија и на „Охридско лето“ гостува преку соработка и на покана на македонското Министерство за култура.

Во 1999 година група искусни танчери и музичари на фламенго музика ја создаваат Фламенго компанијата ЕКОС. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во Хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството за култура на Куба. Членовите на ЕКОС се танчери со неоспорлив талент, високо техничко ниво, кои се обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот.

Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапувале и на фестивали, како и голем број национални и интернационални случувања во земјата. Покрај тоа, се имаат претставено и на фестивали во Абу Даби, Обединетите Арапски емирати и во Кувајт, а настапувале и во Турција.

Од 2009 година, основачите на ЕКОС – прима балерината, кореограф и уметнички директор Ана Роса Менесес и музичарот, пејач и музички директор Мигуел Чавез започнуваат проект во кој прават спој на јоруба музиката, кантри музиката и танцови елементи од популарната кубанска музика со разновидни фламенго жанрови. Овој проект веќе со години доживува одобрување од публиката насекаде.

Покрај изведувачката дејност, ЕКОС многу често одржува и курсеви и работилници со Фламенго школата во рамките на Фламенго клубот. Покрај кубанските популарни танци, на овие предавања слушателите имаат можност да учат и пеење, а се одржуваат и фламенго конференции.

Музичкото шоу „Екос Фламенго“ ќе се одржи на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 14:41