На 12 август 2018 година, на манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ во село Цера, ќе се одржи традиционалната средба со иселеници од општина Македонска Каменица, наречена „Ден на дијаспора“.
Градоначалникот на општина Македонска Каменица Соња Стаменкова на средбата очекува присуство на над 1.500 македонски иселеници, пред кои ќе бидат претставени можностите за инвестирање во рударското гратче.
- Веќе се поканети редица на македонски иселенички здруженија од повеќе европски држави, пред кои ќе ги презентираме потенцијалите на Македонска Каменица, можностите за продлабочување на соработката со македонските иселеници, но и можноста за збратимување со европски градови во кои живеат поголем број Македонци. Средбата како и минатите години ќе се одржи на манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ во село Цера, а покрај иселениците, учество на средбата имаме најавено и од претставници од централната власт, како и градоначалници од регионот, рече Стаменкова.
Покрај општината, организатор на настанот е и КИЦ „Романса“, од каде во рамки на неофицијалниот дел на настанот најавуваат целодневна музичка програма.
Заради подобра организација на средбата на иселеници, општина Македонска Каменица и КИЦ „Романса“ ги известуваат сите заинтересирани угостители дека до петок 10 август 2018 година трае пријавувањето за бесплатно поставување штандови и шанкови за продажба на храна и пијалаци.