Се зголемува свеста кај граѓаните за згрижување деца во семејства и да се извлечат од институциите за да им се пружи семејна атмосфера за развој. Ова го констатираа од Министерството за труд и социјална политика и од канцеларијата на УНИЦЕФ при вечерашното претставување на кампањата „На секое дете му треба семејство“ во Прилеп, во центарот на градот пред Градскиот саат.

Според Олимпија Гроздановска од канцеларијата на УНИЦЕФ, досега има 270 јавувања на граѓани, потенцијални згрижувачи, а во институциите се уште 170 деца.

- Поминавме во 28 градови и задоволство е што се позитивни ефектите, зашто децата може да остварат развој во семејна средина, а не во институции. Од 1 јуни, откако ја почнавме кампањата, веќе имаме 270 јавувања на граѓани кои се потенцијални згрижувачи. Треба да следуваат обуки и поконкретно ќе знаеме во текот на септември. Инаку, во институциите се уште 170 деца. На пример, во Заводот во Демир Капија извлековме деца во два групни дома, таму останаа уште три деца до 18-годишна возраст, во Бања Банско се 15, во Мајчин дом - Битола се 70 дечиња, а во домот „11 Октомври“ уште 30-ина деца. Во општините треба да има групни домови, вели Гроздановска.

За Шпреса Саиди од Министерството за труд и социјална политика целта е да им се даде на децата семеен дом и да се подигне свеста кај граѓаните.

- Главно, целта е да се подигне свеста кај граѓаните дека на децата им е потребна семејна атмосфера, а не да останат во институциите, вели Саиди.

Во Прилеп моментално има 20 семејства кои згрижуваат 34 деца.

- Задоволни сме што Прилеп со години покажува висока свест за згрижување на децата. Намерата ни е уште повеќе да се подигне свеста кај граѓаните. Токму затоа ќе имаме на располагање и два стана како групни домови за сместување на децата надвор од институциите, објаснува Живко Силјаноски директор на приелпскиот Меѓуопштински центар за социјални работи.

Меѓу прилепчаните згрижувачи на деца се Ацка Божиноска и Весна Димоска. Божиноска за 16 години згрижила осум, а Димоска три деца.

- Од нив пет деца се вратени кај нивните родители. Во почетокот е тешко напорно, зашто згрижувам деца со посебни потреби на кои им е најпотребна грижа, но со волја, љубов и грижа сѐ се постигнува. Сега згрижувам две деца на девет и пол и на седум и пол-годишна возраст. Апелирам сите да ги отворат домовите и срцата, да понудат љубов и грижа за да да ги извлечеме децата од институциите. Многу значи кога се во топол дом, вели Божиноска.

Задоволство од напредокот на трите деца што ги чува изрази и Весна Димоска. Едното девојче, рече таа, заврши основно, сега е втора година, одличен ученик со стипендија, а другите две деца се во дневен престој и одлично напредуваат.

На промоцијата на кампањата „На сите деца им е потребно семејство“ во центарот на Прилеп пред Градскиот саат беше изведена програма подготвена од деца, а присуствуваа и градоначалниците на Прилеп, Кривогаштани и на Долнени.

Кампањата почна на 1 јуни и е при крај. Освен во Прилеп останува да биде претставена уште во Демир Хисар.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 01:20