Со три смртни случаи и три повредени лица завршија две од четирите несреќи на железничките пруги во државава од почетокот на годинава, а железничките претпријатија евидентирале и материјална штета.
Овие податоци се продолжување на состојбите од изминатите години, кога исто така беа евидентирани бројни несреќи и покрај постојаните апели од институциите за поголема дисциплина на возачите.
Во коментар на последната несреќа со три починати лица што се случи на крајот на минатиот месец во кумановско Романовце директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, апелира максимално да се почитува поставената сигнализација на патната и железничкта инфраструктура.
- Несреќите се резултат на невнимателноста при приближување и поминување на вкрстувањата на железничката со патната инфраструктура, но и поминувањето на возачите на т.н диви премини, вели Асани.
Според него, долж целата пруга има сигнализација која работи и е во функција цело време.
- Честопати слушам дека семафорите не работеле, па затоа дошло до несреќи. Кога семафорите на патниот премин од делот на патот не работат, тогаш работат семафорите во железница, што значи дека возот не поминува на црвено, туку ќе застане и на патниот премин откако ќе се осигура ќе го помине. Ако во тој случај имаме проблем тогаш на последната станица возачот добива задача од управникот дека на тоа место и на тој пат има проблем од одредена природа и се преминува на механичко поминување, односно возот застанува, го осгурува делот и потоа продолжува со брзина од пет километри на час, појаснува Асани, потенцирајќи дека поминувањето на црвено е многу ризично и со страшни последици.
Пред секој од 300-те легални патни премини, дополнува, имаме знаци стоп и Андреин крст, како прва категорија, стоп, Андреин крст, семафори, звучна и светлосна сигнализцаија, како втора категорија и како категорија, стоп, Андреин крст, звучна и светлосна сигнализација и рампи.
- Тие се три вида на обезбедување на патните премини кои согласно Законот и дозволата за градба се составен дел од железничкиот систем не само кај нас, туку и во сите други држави, вели Асани.
Апелира до возачите да не ги користат дивите премини што не се дел од железничкиот систем и не се безбедни. Најголемиот дел од несреќите во изминатите години биле токму од поминување на диви премини, кои луѓето ги користат сакајќи да стасаат побргу до одредено место.
По должината на пругите на територијата на Македонија се вградени сигнално-сигурносна и телекомуникациска опрема, постројки и сигнални знаци во согласност со Законот за безбедност на железничкиот и друмскиот сообраќај. Во согласност со законските одредби, сите места се опремени со соодветно ниво на сигнална опрема кога во ниво се вкрстуваат железничка пруга, колосек и пат.
Како последица на несреќите, железничките претпријатија во изминатиот период бележат материјална штета на железничката опрема, постројките и на сообраќајните возила. Билтените на полицијата регистрираат случаи на кражби на делови од пругите, како и каменувања на возовите, што се одразува на безбедноста на сообраќајот.