За 11 дена завршува Јавниот повик за купување државно земјоделско земјиште под оранжерии, соопшти денеска Министерството за земјоделство.
Како што изјави Трајан Димковски, шеф на кабинет во МЗШВ, многу е важно земјоделците заинтересирани за откуп, во потребната документација да достават и проценки за вредноста на земјиштето направени од Бирото за судски вештачења.
- Сите сопственици на оранжерии заинтересирани да го откупат земјиштето, да го запазат рокот, 18 август, и да достават комплетна документација. Ова е важно за Комисијата да постапи навреме и да има што поголем број прифатени понуди. Цената на земјиштето се утврдува според Методологијата за процена на пазарната вредност на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии и објекти кои се во функција на земјоделското производство, донесена кон крајот на јануари оваа година, апелира Димнковски.
На јавниот повик може да аплицираат сите што имаат легализиран објект во функција на земјоделско производство.
Ова е прв ваков јавен повик на кој се очекува барања за откуп да достават околу 40 земјоделци. Досега се поднесени само две барања.
- До крајот на годината е планирано да се објават уште два повика. Ова е нова политика за стопанисување со државното земјоделско земјиште. Ќе ги согледаме резултатите по што планираме нови огласи за продажба на земјиштето и тоа под лозови и други повеќегодишни култури, истакна Димковски.