Претставата „Девојчето со жиците“ целосно соодветствува со концептот што го има Фестивалот „Охридско лето“ тој спој на театар и музика што го има и во самата драмска поставка. Претставата зборува за слободата, уметникот и интимните теми на луѓето, а секој поединец од публиката може да поистовети со приказната. Така Марјан Нечак ја најави интимната драма „Девојчето со жиците“ што актерската екипа на Словенечкиот народен театар „Драма“ од Љубљана и Подвижниот музички театар од Битола вечерва ќе ја одиграат на сцената „Долни Сарај“ во рамки на драмската програма на годинешното издание на „Охридско лето“.
- Начинот на кој ја градевме оваа претстава е специфичен, бара повеќе време, поинаква концентрација, поинаква љубов. Такви се актерите од Драма, посебно овие со кои работев, исклучителни во смисла што ова дело може да се направи единствено со љубов и никако поинаку, рече Нечак, сценограф на поставката и автор на музиката за претставата.
Драматургот Дарја Доминикуш за „Девојчето со жиците“ рече дека е претстава со специфична форма, поставка која зборува со текст и со музика, но не со музика како позадина или некаква декорација туку како наративен елемент.
- Претставата е доста сложена, поставува високи барања и за самата публика, гледачот треба да биде вклучен во следењето на играта со сите сетила. Истовремено претставата е и многу емотивна што ја носи самата приказна...Комплексна приказна што зборува за многу работи што будат емпатија, за недостижното за кое сонуваме и за кое создаваме музика, уметност, да ги бараме моментите што ќе не оттргнат од баналностите на секојдневието, рече Доминикуш.
За Барбара Церар која ја толкува главната улога во претставата „Девојчето со жиците“ главниот предизвик во оваа поставка била токму формата што ги обединува песните во претставата и интимната драма.
- Тие музички делови во претставата се некакви монолози што интерпретацијата моја во неа би рекла ја подигаат на некакво повисоко ниво. Сметам дека целата претстава е предизвик што би го посакала секоја глумица, рече Церар.
„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка која патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување се исцртува приказната за нејзиниот живот. На почеток таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како улична амузичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања. Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали.
Оваа интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа, се одвива на границата помеѓу реалниот свет и сонот. Меѓу препознатливите, но често непријатни ситуации на граничните премини и станици, спомените и визиите во кои се преплетуваат, времињата и јазиците, музиката и поезијата, горчината и убавината на животот.