Со традиционални песни и ора, храна и ракотворби синоќа во општина Новаци се одржаа Пелагониските културно-уметнички средби, во рамки на културно-забавното Лето Новаци 2018.

Истовремено се играше и пееше и во селата Добромири и во Далбеговци, како дел од заложбите на Министерството за култура за приближување на културата до сите и за сите.

Со свои сплетови на ора и песни настапија шест културно -уметнички друштва и ансамбли и тоа од фолклорен ансамбл „Плетенка“ од Битола, ансамбл за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола, фолклорен ансамбл „Стив Наумов“ од Логоварди, КУД „Новаци“ од Новаци, КУД „Илинден“ од Демир Хисар, КУД „Мирче Ацев“ од Тополчани и пејачката група „Преродба“ од Прилеп кои се претставија со македонски изворни песни.

Со штанд со традиционална вкусна храна карактеристична за поднебјето на општина Новаци, во рамки на средбите се претстави и здружението на жени пензионери „Силата на Бабата“ од Новаци, додека организација на жени од Битола се претстави со рачно изработени ракотворби со мотиви од Битола.

На програмата на културно-забавното Лето Новаци 2018 преостануваат уште четити културни настани, а следен настан е на 10-ти август со концерт „За мојот крај“ на Татјана Лазаревска во село Живојно.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2018 14:01