Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ почна со реализација на проектот дигитализација на „Наш Весник“. Досега, соопштија надлежните од јавната општинска установа, објавени се девет броја од локалниот весник во електронска форма. Извадоците од весникот библиотеката ги споделува и на социјалните мрежи со што дополнително се информира јавноста.
- Досега добивме голем број позитивни реакции како од постарите, така и од помладите читатели. Направивме еден вид временска машина која постарите читатели ги враќа во некои минати времиња. Помладите читатели со воодушевување ги чекаат и останатите броеви и гледаат на нив како можност да го запознааат минатото и градот од еден поинаков агол, изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски.
Проектот ќе се реализира и во иднина. За негова реализација, библиотеката лани набави скенер од сопствени средства во вредност од 700 евра. Планирано е да се објават сите броеви од локалниот весник кој почнал да излегува во 1961 година. Весникот излегувал на 12 страни и опфаќал различни рубрики. Дигитализацијата се очекува да заврши до почетокот на идната година.