Со положување свежи цвеќиња пред споменикот во прилепската касарна „Мирче Ацев“ започнаа чествувањата по повод 17 години од загинувањето на 10-те бранители од Прилеп во месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово кога на 8 август 2001 во заседа беше пресретнат конвојот на АРМ. Пред споменикот во касарната се поклонија членовите на семејствата на загинатите, соборците, претставници на АРМ, на локалната самоуправа, на здруженија, партии и граѓани.
Оддавајќи им почит на загинатите бранители-воени резервисти од прилепската касарна, потполковник Славчо Кузманоски, заменик-командант на гарнизонот, рече дека кога недобронамерниците посегнаа по ова парче земја, прилепчани застанаа во одбрана на интегритетот и суверенитетот на Република Македонија. Никогаш нема да се заборават, ќе потсетуваат на родољубието и на тоа никогаш да не се повтори.
- Нашите војници Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата, како лојални и чесни граѓани, ја исполнија својата света должност положувајќи ги своите животи на браникот на татковината. Тагата и болката остануваат особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица. Ние не потклекнуваме. Трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и на страниците на историјата, која на поколенијата ќе им ги пренесува сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа, на мирниот сон на нашите најмлади и на достоинствените вредности на човекот. Нека ваквите чествувања не обединат и сплотат, без разлика на припадноста по која било основа. Останува обврската, наша, и на идните поколенија и генерации споменот да го чуваме, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година и да не дозволиме да се повтори, истакна потполковник Кузманоски.
Присутните на чествувањето ја посетија спомен-собата во касарната на Петтата прилепска народноослободителна бригада каде се и спомените на загинатите бранители. Макјата на загинатиот Пецо Секулоски вели дека тагата останува вечно.
- Секој ден е потсетник дека го нема, празнината е голема, болката и тагата остануваат со нас до крајот. Само велам - никогаш ова повеќе да не се случи, вели Секулоска.
Возачот на изгорениот автобус во кој беа прилепските бранители, Ацо Јованоски-Реган по којзнае кој пат го повторува најбитното, како што вели, барање.
- Барањата секогаш се многу. Но, најбитно е да се подигне споменик на месноста Карпалак. Тоа се уште не е направено, рече Јованоски.
Стојанче Ангелов, национален координатор на македонските бранители во Владата, вели дека во 2001-та се донесе закон кој ги ослободи од здравствено осигурување воените инвалиди од конфликтот. Но, иако здружението „Достоинство 2008-та предложи закон тоа да важи за сите бранители, тогашната влада не го донесе.
- Тоа остана како отворено прашање. Се надеваме дека со заложбите на премиерот ќе се направат напори, но треба да се има предвид дека сега дистанцата е 17 години. Нашите загинати бранители никогаш нема да бидат заборавен, како залог за иднината и никогаш да не се повтори, рече Ангелов.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски се заложи да им се помогне на семејствата.
- Имав средба со семејствата на загинатите бранители и мојата заложба е да им се помогне во рамките на нашите можности и тоа ќе го направиме, рече Јованоски.
Свежи цвеќиња вечерва беа положени на споменикот во прилепското село Лениште, а во манастирот „Света Петка“ во селото се одржа вечерна богослужба.
Утре изутрина, најблиските на загинатите бранители и бројни делегации ќе ги посетат нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места, а делегации ќе заминат на чествување во месноста Карпалак на патоот Скопје-Тетово.
Централното чествување е утре од 13 часот во центарот на Прилеп, пред споменикот „Карпалак“.