Од селата Габрово и Град, преку најпознатото делчевско маало Расадник, па се до селото Бигла, од година во година се плетат приказните на делчевските иселеници кои во месец август одморот го користат за посета на родната грутка. Дел од нив со своја мисија да помогнат во решавањето на локални проблеми кои граѓаните не можат да ги решат без нивна поддршка. Мисијата на иселеникот Зора Димитровска од село Габрово е повеќе од хумана. На нејзина иницијатива на 31 јули годинава, иселениците ширум светот се собраа пред училишниот двор во Габрово и ја изразија својата поддршка за доизградба на црквата Св.Великомаченик Димитриј, за чиј фрескоживопис се потребни околу 20.000 евра. -Од далечната 1986 сум излезена од селото и заминав за Швајцарија каде живеам и работам со семејството. Ова е трета година како се собираме за доизградба на нашата црква "Св.Димитриј". Целта ни е да помогнеме да ја завршиме. Моментално ни се потребни средства за фреските, што ќе не чинат многу пари. Над 20.000 евра се потребни и затоа трета година по ред ја организираме оваа хуманитарна средба. Имаме доста донатори од Австралија, а најголема поддршка имаме од иселениците од Габрово кои се наоѓаат во Швајцарија. Им благодарам на сите кои помагаат од самиот почеток на изградба на црквата. Среќна сум што сите со задоволство ја прифатија идејата за организирање на оваа забава, од самите жители кои цела година ја чекаат средбата, па се до скараџиите и музичарите кои без никаков надомест помагаат се да помине во најдобар ред. Да се надеваме дека многу бргу ќе се соберат потребните средства за фрескоживописот и со тоа Габрово ќе добие црква каква што заслужува, раскажува иселеникот Димитровска. Приказната на иселеникот Марјан Маџовски е малку поинаква. Тој во август доаѓа во родното село Град за да ги потсети жителите на она што се случувало пред многу години. Преку организирање иселеничка средба првата недела по Илинден, Маџовски сака да го врати времето кога на ова подрачје од Пијанец се организирале популарните "игранки". -Еве и годинава сме овде кај што каменот си тежи на своето место, во единственото село во Македонија кое се вика Град. Повторно сме овде со една цел, да се потсетиме на она што некогаш било, на времето кога овде секоја недела во селскиот дом се правеа свадби, кога се организираа таканаречените "игранки". Токму на тие забави се раѓаа многу први "љубови", се создаваа пријателства, постоеше една навистина убава традиција која за жал повеќе ја нема. Токму затоа првата недела по Илинден се собираме на сред село и се обидуваме да го вратиме назад времето. На нашата иселеничка средба има се повеќе млади, што на момент навистина средбата ја прави да потсетува на она што некогаш се случувало тука, вели иселеникот Маџовски, кој ги одржува парковите во гратчето Веве во Швајцарија. И во самиот град Делчево приказната е слична. Тука во една од најстарите населби во градот "Расадник", над 10 години постои таканаречената "Расадничка вечер", традиција која ги собира на едно место сите кои излегле од оваа населба и ја побарале својата среќа далеку од родната земја. -Несомнено, сите од Расадник, сме овде во август, кога секој на свој начин дава свој придонес во организирањето на нашата "Расадничка вечер", вечер за потсетување на седенките кои овде ги правевме, на дружбата , на времето кога овде навистина наликуваше на еден "Расадник" од млади луѓе кои сега за жал се распрскани насекаде по светот, вели иселеникот Љупчо Михаиловски, кој е експерт за климатизери во местата каде живеат најголем дел од Македонците во Италија. Последната приказна која влече корени од пред 10 години, не носи во с.Бигла, местото каде се наоѓа популарното Црвенџиско маало. Бошко Васев е иселеник кој е последен од семејството "Црвенџии" кој е роден во с.Бигла, а потоа заминал во Бретен, Германија кај што веќе го чекале неговите родители. За него се грижеле неговите дедо и баба, но како и за повеќето печалбарски семејства, чукнал часот кога и последниот човек од популарните "Црвенџии", родум во Бигла, морал да го остави родното огниште. Времето минувало, носталгијата растела и пред 10 години се родила идејата за организирање на сега веќе надалеку препознатливата "Црвенџиска средба". Средбата секоја година се одржува на 9 август, на денот посветен на исцелителот Св.Пантејмон, на местото кое лесно ќе го пронајдете по личниот сообраќаен патоказ кој е карактеристичен за семејството " Црвенџии". -Прекарот „Црвенџии“ го носиме по нашата баба која кога играла на веселби што се организирале во селото се "руменеела" или што велиме ние „црвенеела“ во образите и така настанал прекарот „Црвенџии“. Јас како последен од нашето семејство кој е роден во с.Бигла, пред 10 години заедно со татко ми Зафир, ја започнавме традицијата на организирање еден убав настан кој го нарековме „Црвенџиска средба“. На 9 август сите роднини и пријатели сме овде, на сред Црвенџиско маало, да се видиме да се развеселиме. На средбата доаѓаат и многу други гости намерници кои секогаш се добредојдени. Но наша цел не е само средбата, ние тука на ова место во Бигла со татко ми ја реновиравме куќата и здравје боже, сакаме да ја присособиме и претвориме во еден комплекс што ќе биде на располагање на сите кои ќе сакаат еден вид селски туризам, вели иселеникот Васев кој им посредува на македонците во околината на градот Бретен да зачекорат по патот на успехот во Германија. За жал, ваквите приказни стануваат препознатливи за голем број на семејства од Пијанец, кои својот пат под сонцето го нашле некаде на друго место. За утеха остануваат убавите моменти запишани во меморијата на овдешните иселеници. Валери Спасевски



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2018 14:58