Селски, зелен, еко, алтернативен, етно, агро,... Сите овие термини се „во игра“ кога некој во Македонија зборува за рурален туризам. Земјава, на национално ниво, се уште нема единствен став или официјална дефиниција - што е рурален туризам и кои се неговите карактеристики.

Секторот е во почетна фаза од развојот и од економски аспект дава т.н. мек ефект. Допрва се очекуваат зголемен број гости, повеќе рурални туристички производи и отворање нови бизниси. Стратегија нема, а онаа што постоеше е со „истечен рок“, од периодот 2012-2017 година.

Нема ниту официјална бројка со колку капацитети располага Македонија кога е во прашање руралниот туризам. Засега, сместувањето е во куќи, во мали семејни хотели и други објекти кои се во сопственост на претприемачите што постојано живеат во руралната средина, а добивката од руралниот туризам останува во руралната средина.

Инфраструктурата (патишта, осветлување, водоводи, канализации) е во многу лоша состојба или речиси не постои, недоволно или воопшто не се обележани локациите и сместувачките капацитети, нема организирана понуда и промоција.

Ова се само дел од слабостите што ги детектира здружението „Рурална коалиција“ во годинашното истражување, спроведено изминатите шест месеци.

Истражувањето покажува дека во Скопскиот регион засега има најголем интерес за развој на руралниот туризам, а Тиквешкиот и Вардарскиот се меѓу најнеразвиените.

- Неопходна е прецизна дефиниција на терминот „рурален туризам“ согласно стандардите на Светската туристичка организација и проширување на опфатот на туристичките услуги. Нужни се и измени во регулативата, па дури и донесување нов закон што ќе го одвои руралниот од другите видови туризам поради спецификите, укажува извршната директорка на „Рурална коалиција“ Лилјана Јоноски.

Според мониторингот, само пет отсто од националните и локалните тур-оператори го промовираат руралниот туризам и нудат посети и сместувања во рурални средини низ Македонија, а сопствениците на капацитети се снаоѓаат како знаат кога станува збор за привлекување туристи.

- Биодиверзитет, еко-туризам, туризам на фарма, селски туризам,... Се ова влегува во рамката рурален туризам. Но, дали руралниот туризам е препознаен како стратешки приоритет кај нас и што е неопходно за развој на оваа гранка? Ова се главните аспекти околу кои ние истражувавме. Податоците што ги добивме се вџашувачки, а состојбата е таква зашто нема координиран и консолидиран пристап меѓу засегнатите чинители, независно дали станува збор за национално или локално ниво, вели Јоноски.

Истражувањето покажува и дека преку 96 отсто од сопствениците на капацитети во руралните средини не знаат дека имало стратегија за рурален туризам иако овој документ е веќе истечен и бил за периодот 2012-2017 година. Исто така, многу малку од нив знаат за расположливите субвенции и европски фондови, а дел од оние што се информирани, не можат да ги исполнат потребните услови за повлекување средства.

Коалицијата предлага руралниот туризам да добие приоритет како стратешка гранка на туризмот зашто може да отвори директни и индиректни вработувања, како и да поттикне развој на мали, сопствени бизниси, да не подлежи на данок на додадена вредност во делот на готовинските плаќања и да се намали ДДВ-то од 18 на пет отсто за услугите.

Исто така, е неопходно, сугерира Здружението, да се изготви посебен закон, само за рурален туризам.

Правна рамка

Засега руралниот туризам се регулира со три закони: за земјоделство и рурален развој (кој дефинира што е рурална средина, населено место во рурални средини и рурален регион), за туристичка дејност (кој дефинира туристичко место и туристички регион), како и за угостителска дејност (кој ги уредува минималните стандарди за сместување/давање угостителски услуги во руралниот туризам).

Одредби од овие закони, оценува „Рурална коалиција“, предизвикуваат недоразбирања.

Без да се дефинира концептот на рурален туризам, во членот 51 од Законот за туристичка дејност се наведени неколку услуги во селски и етно туризам (фото сафари, изнајмување коњи за јавање, изработка и продажба на домашни ракотворби, сувенири, инструменти) кои во обем и содржина не ги опфаќаат целосно услугите во руралниот туризам. Овие услуги може да ги дава физичко лице регистрирано кај градоначалникот на општината што не е во согласност со концпетот на креирање мали бизниси во руралниот туризам, стои во анализата.

Членот, пак, 53 од Законот за угостителска дејност го дефинира максималниот број легла во селските домаќинства и со тоа создава конфузија во однос на членот 51 од Законот за туристичка дејност.

- Ако се создадат услови, добро е да се изготви посебен закон за рурален туризам што ќе ја регулира исклучиво оваа дејност како специфична. Зошто да не се оди и понатаму, па одредбата од Законот за готовински плаќања според која правните лица на над 700 метри се ослободени од плаќање ДДВ, да важи и за туристичките капацитети што се изземени од овој дел, нагласува директорката Јоноски.

Што велат институциите?

Според раководителот на Секторот за туризам и угостителство во Министерството за економија Беким Хаџиу, руралниот туризам има голем, но недоволно искористен потенцијал. Со Предлог-програмата за развој на туризмот за 2019 година, Министерството преку Секторот за туризам планира да издвои средства за изготвување национална стратегија за рурален туризам, а во процесот на подготовка се планирани јавни дебати и вклучување на сите засегнати страни.

- Развојот на руралниот туризам е еден од приоритетите на Министерството поради што согласно Програмата за развој на туризмот во тек е постапката за доделување субвенци за туристички цели за селски домаќинства, со вкупен буџет од 1.500.000 денари, како и субвенции за туристички манифестаци, кои секако им даваат можност и на руралните подрачја да обезбедат средства за своите проекти, нагласува Хаџиу.

Тој додадва дека Министерството за економија не располага со податоци за капацитетите во руралните средини.

- Овој тип податоци треба да се обезбедат на локално ниво, секоја општина да ги има податоците за руралните подрачја кои се дел од неа. Но, во тек е формирање работна група составена од членови од Министерството за економија и од Државниот завод за статистика, кои во наредниот период заеднички би направиле посебна евиденција на капацитетите кои ги споменавте во руралните средини, вели Хаџиу.

Тој упатува на локално ниво и кога станува збор за инфраструктурата.

- Ќе треба да се обратите на локално ниво каде што се ноаѓа конкретното рурално подрачје, како и во Министерството за земјоделство кое е носител на ИПАРД програмата за рурален развој, истакнува раководителот.

Директорот, пак, на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски смета дека тур-операторите и туристичките агенции во земјава не можат да направат аранжмани зашто капацитетот во руралните средини е многу мал и диверзифициран. Може да се случи, вели, една до две етно-куќи (регистрирани сместувачки капацитети) да работат рурален туризам, што е многу малку за големите тур-оператори.

- За жал, тоа што го имаме на терен не секогаш соодвествува со тоа што го презентираме. И слабата едукација на луѓето што работат во руралниот туризам овозможува несоодветна услуга и се се базира само на природните убавини и ресурси.

Руралниот е многу пати помоќен од масовниот туризам. Можеби недостатокот на оперативност, јасни насоки и пасивност од државата и туристичкиот сектор доведе до тоа процентот на луѓето што работат во туризмот пред се во руралните средини да биде толку низок и воопшто да не се запознати со стратегијата. Ако секој трет Британец во текот на една година ги посетува руралните средини во Британија, отседнува за викенд, зошто тоа да не го направиме во Македонија. Домашните туристи се повеќе ги одбираат монденските места во нашата околина отколку локалните рурални средини во Македонија. Треба да најдеме маханизам да ги задржиме дома за викенд, потенцира Јаневски.

Шесте региони или две третини од Македонија имаат идеални услови за рурален туризам, што не значи дека останатите два региона, Скопскиот и Охридскиот, не можат да го понудат истото.

- Концентрирањето на туристите ќе овозможи нови туристички содржини и атракции во руралните делови. Сведоци сме дека Охрид нема слободно место, токму тоа би требало да е добра прилика и провокација турстичкиот сектор да ги отвори своите куќи во селата и руралните средини околу Охрид и да понуди еднодневни или повеќедневни прошетки со вински дегустации, локално произведена храна што би привлекло многу повеќе туристи и би генерирало многу повеќе средства во буџетот на општините и на државата, оценува Јаневски.

Агенцијата за туризам од оваа година го менува пристапот за промоција и е насочена кон он-лајн рекламирањето, а руралниот туризам е во фокусот.

- Со зајакнување на промоцијата, треба да ги зајакнуваме и капацитетите во кои туристите ќе бидат сместени, дополнува директорот.

Во врска со стратегијата посочува дека треба да биде потикната и донесена од туристичкиот сектор, односно од луѓето кои работат во регионите, општините, коморите и во институциите: Министерството за економија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

- Новата стратегија за рурален туризам треба да ги ги покаже јасните насоки по кои треба да се движи македонскиот туристичкиот сектор, кога е во прашање развивањето на руралниот туризам кој во светски рамки зазема се поголем замав. Стратегијата што е веќе истечена во 2017 година нема референтни точки по кои можеме да ја мериме нејзината ефективност, ефикасност и импакт врз македонскиот туристички сектор. Исто така ја нема можноста некои добри практики од неа да се прелеат во новата стратегија, што веќе требаше да биде готова, објаснува Јаневски.

Меките мерки, подигањето на свеста и обуките, дополнува, се потребни веднаш, за да имаме поголем број капацитети во руралните средини и тоа да влијае директно врз локалниот економски развој и отварањето нови работни места. Само на тој начин ќе овозможиме одржливост во руралниот туризам.

Искуства на сопствениците на капацитети во руралните средини

Сопствениците на капацитети во руралните средини не се задоволни од промоцијата на руралниот туризам. Сметаат дека националните и локалните тур-оператори не ги нудат доволно како туристички атракции, не соработуваат со општините, ниту со центрите за развој на планските региони.

- Руралниот туризам е семеен бизнис. Условите за негово водење се тешки, неприфатливи. Ќе почнеме и се откажуваме, вели Зоран Петров од село Лесново кој купил пет куќи стари и по 300 години со намера да ги реновира.

Критериумите за добивање поддршка, објаснува, не се во согласност со неговите потреби, а ИПАРД бара европски стандарди - да се гради со кал, без бетон, што, според него, не е изводливо.

Мануел Манчев, сопственик на Горна Куќа во село Слепче, Демирхисарско, се жали на немањето квалификуван кадар за работа. Не знае што конкретно да им порача на оние што сакаат да се занимаваат со рурален туризам, зашто, вели, навистина е многу тешко.

- Објектот се наоѓа на 875 метри надморска висина. Идејата за ваков бизнис беше спонтана. Мајка ми и татко ми почнаа со фурна и една масичка. Тоа потоа израсна во помал капацитет за 50 - 60 гости. Почнавме да нудиме традиционална храна, автентична, питулици, зелник, мазник,.. Сега ресторанот брои 250 места за седење. Полни сме за празници и викенди. Сметаме дека ни е доволно зашто се соочуваме со проблем на немање работници. Со институциите соработуваме и инфраструктура има, струја, вода, достапен пат, но немаме доволно едуцирани работници. Не е како порано, да завршиле специјално училиште за угостителство и туризам, предочува Манчев.

Поддршка на руралниот туризам

Последните три години пропаднаа пет милиони денари за поддршка на руралниот туризам што можеа да се искористат преку Министерството за економија. Годинава на располагање се 1,5 милиони, а рокот за аплицирање трае до 30 септември 2018. Досега се поднесени само шест апликации.

Не е многу подобра ниту состојбата со искористувањето на средствата од Програмата за рурален развој каде од достапните 10,4 милиони евра, се реализираат едвај три до четири милиони годишно. Тоа го потврдуваат и сопствениците на капацитетите. На прашањето дали користеле финансиска поддршка од државата, максимум пет отсто одговориле потврдно.

- Искористеноста на средствата и натаму е нула денари, најчесто поради неможноста да се обезбеди дополнителната документација што се бара од сопствениците на капацитетите, а тоа, пак, најчесто се поврзува со добивањето решение за категоризација на објектите што во руралните средини речиси го нема поради немање детален урбанистички план, неразвиена инфраструктура, посочува директорката на „Рурална коалиција“.

Мерки за поддршка има, заклучува Јоноски, но нема соодветна национална помош за искористување на средствата, ниту има соодветна соработка на локално ниво меѓу општините, сопствениците на капацитетите и центрите за развој на планските региони.

Согласно последните анализи на европско ниво, руралниот туризам директно или индиректно креира над 900.000 работни места, додека во Македонија едвај еден е вработен со платени придонеси и полно работно време во рамки на еден капацитет.

Истражувањето на Рурална коалиција покажа и дека предности за привлекување странски туристи во руралните средини се недопрената природа и евтините услуги, но проблем за гостите од странство е недоволната сигурност, високото ниво на корупција и наплаќањето по различни цени.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2018 11:16