Дополнување на досегашните и нови културни содржини во преспанскиот регион нуди програмата за работа на директорот на општинската установа Дом на култура „Драги Тозија“ во Ресен Васко Василевски, кој доби нов, трет мандат.
Тој во неговата програма најавува продолжување со работа на драмската секција, со што ќе се развива аматерскиот театар и љубовта кон овој вид уметност кај најмладата ресенска популација, како и продолжување на соработката со останатите центри и домови на култура и театри.
- Во изминатите години, за време на мојот мандат, беа реализирани бројни соработки со останати културни институции, меѓународни организации и здруженија. Со оглед на фактот дека Преспа се наоѓа на тромеѓето меѓу Македонија, Грција и Албанија, беа иницирани и реализирани културни настани поврзани и со културната промоција на соседите. Согледувајќи ги сите овие аспекти на културното живеење во Преспа, сметам дека во изминатиот период е направено многу во насока на подобрување на квалитетот на културното живеење во регионот, изјави Василевски за МИА.
Тоа, според него, е уште поголема мотивација да се направи чекор напред во збогатувањето на културните настани во Преспа.
Директорот најави и надополнување на библиотечниот фонд со нова стручна литература, со цел зголемување на бројот на читатели, како и продолжување на натпреварот „Млади библиотекари“. Можноста, како што рече, да се слушнат секаков вид уметници, отвора можност и перспектива за развој на музичката култура и уметност кај сите возрасти во општината. Просторните можности на Домот на културата, нагласи Василевски, се покажаа како одлично место за одржување на ликовни изложби, и во изложбениот салон во Ресенскиот сарај планирани се голем број изложби.
- Културата е таа која секогаш прва навлегува во порите на соработката, така што пред нас претстои период на можности, кои треба да се искористат во областа на меѓуграничната соработка и прекуграничните проекти, обезбедени преку различни фондови на Европската унија, но и преку амбасадите на земјите членки на Унијата, додаде директорот Василевски.
Домот на културата, како што подвлече, работи на подготовка на културни содржини за претстојаната манифестација Преспански јаболкобер.
- Септември е месец во кој сите активности во Преспа се поврзани со јаболкоберот, како наша главна карактеристика, која има одраз и врз културниот живот. Во пресрет на централната манифестација на Крстовден, ќе се одржат неколку културни настани, во организација на Домот на културата „Драги Тозија“. Овој период активно се прават подготовки и избор на културните активности, рече Василевски.
Во соработка со локалната самоуправа, најави преуредување и реновирање на одредени делови на познатиот Ресенски сарај, еден од најатрактивните објекти во преспанскиот регион, кој е и седиште на Домот на културата „Драги Тозија“.