Русија разгледува мерки со кои ќе одговори на најновите американски санкции, воведени вчера поради труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Велика Британија, соопшти денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
- Руската држава ќе разгледа усвојување на соодветни мерки по овој непријателски чин на Вашингтон. САД свесно го избраа патот на конфронтации во билатералните односи, кои практично се сведени на нула, истакна Захарова на прес-конференција во Москва.
Таа нагласи дека американските санкции претставуваат нов обид за „демонизација“ на Русија, додавајќи дека сепак сите ултиматими кон Москва се залудни.
Захарова одново ги отфрли тврдења за поврзаност на Русија со труењето на Сергеј и Јулија Скрипал, нагласувајќи дека ниту Велика Британија, ниту САД не изнеле докази со кои би ги потврдиле обвинувањата за руска вмешаност во случајот.
- Властите на нашата земја се директно обвинети дека ја употребиле боевата нервно-парализирачка супстанца „Новиччок“, иако британската страна досега не можеше да достави никакви докази за вмешаност на Русија, истакна Захарова, додавајќи дека Москва уште минатата година ги уништила сите резерви на хемиско оружје.
Стејт департментот синоќа соопшти дека САД ќе воведат нови санкции кон Русија, поради „употребата на хемиско оружје во обидот за атентат“ врз Скрипал.
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт информира дека новите санкции кон Русија ќе стапат во сила на 22 август.
Извори во Стејт департментот денеска соопштија дека санкциите ќе се однесуваат на извозот на американски стоки во Русија поврзани со националната безбедност, вклучително и на специјализирани нафтени и гасни технологии, електронски уреди и сензори. Забраната на извоз ќе се однесува за „сите руски компании, поддржани или финансирани од државата“.
Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март беа пронајдени во бессознание во англискиот град Солзбери и повеќе недели беа во критична здравствена состојба. По излегувањето од болница тие се префрлени на тајна локација од безбедносни причини.
Велика Британија ја обвини Русија за нападот врз Скрипал и неговата ќерка. Москва негираше каква било вмешаност во инцидентот, што доведе до влошување на односите меѓу Русија и Западот.