Велика Британија смета дека повиците за промена на границите на Балканот можат да донесат нестабилност во регионот, соопшти денеска Британската амбасада во Приштина.
- Веруваме дека повиците за промена на националните граници може да доведат до дестабилизација, се нагласува во одговорот на Амбасадата до Радио Слободна Европа - програма на алабански јазик.
Во дописот на Амбасадата се истакнува дека британската Влада поддржува нормализација на односите меѓу Блеград и Приштина, за кои смета дека се од витално значење за безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји и на регионот во целина.
Последниве денови и од Белград и од Приштина се промовираат идеи за поделба на Косово, за размена на територии или за корекција на границата, како дел од процесот за нормализација на однсите меѓу Србија и Косово.
Вчера и американскиот Стејт департмент ги повика Белград и Приштина да покажат далековидост и флексибилност за да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот.
- Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме двете страни и ЕУ како посредник. Косово и Србија мора да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот, За тоа се потребни далековидост и флексибилност од двете страни, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека суштината на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина треба да потекне од двете преговарачки страни.
Во соопштението натаму се истакнува дека САД ги охрабруваат Белград и Приштина „да преземат одговорност за целиот процес, да запрат со негативната реторика и да работат заедно на конструктивен начин“.