Најмалку 50 лица загинаа, а 77 други се ранети денеска при воздушен напад на арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија врз пазар во градот Дахијан во северната јеменска провинција Сада, која важи за упориште на шиитските бунтовници Хути.

Според претставник на бунтовниците, во време на нападот крај пазарот минувал училишен автобус, па меѓу загинатите и ранетите има и голем број деца.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст на Твитер објави дека меѓу загинатите при нападот има и најмалку 29 деца помлади од 15 години, додека меѓу повредени околу 30 се малолетници.

Локални жителите изјавија дека автобусот превезувал ученици кои се упатиле кон летна школа.

Нападот во Дахијан го потврди и арапската коалиција, нагласувајќи дека негова цел биле бунтовниците Хути, кои вчера истрелале ракета врз станбена зона во јужниот дел на Саудиска Арабија, при што загина едно лице, а 11 беа ранети.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2018 21:06