Четирикратниот шампион Новак Ѓоковиќ отпадна во 1/8-финалето на „Роџерс купот“ во Торонто, по изненадувачки пораз од тинејџерот Стефанос Циципас. Деветнаесетодишниот Грк триумфираше со 6:3, 6:7 (5), 6:3 и ја постигна највредната победа во досегашната кариера. - Го следев својот план и знаев дека порано или подоцна Ѓоковиќ ќе се скрши, демонстрираше самодоверба по успехот Циципас кој првпат ќе игра четвртфинале на „Мастерс“ турнир. Грчкиот тенисер направи брејк во самиот почеток на третиот сет и не го испушти водството до крајот на натпреварот. Тој триумфираше по 2 часа и 17 минути, а Ѓоковиќ го призна поразот. - Циципас одигра многу добро и без сомнение победи заслужено. Јас дозволив доста грешки од главната линија и не бев стабилен при ретурните, прокоментира Србинот по мечот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2018 10:49